Нова година, нова надеж

Ние, Македонците, во моментов ја издржуваме казната за нашето долгогодишно одбивање да партиципираме во политиката. Но, 2024-та е изборна година, па ќе имаме нова шанса тоа да го промениме. Секој од нас ќе донесе многу важни одлуки во приватниот живот, но сите заедно ќе добиеме можност да одлучуваме и за иднината на Македонија.

226

Многумина велат дека Македонија во 2023 година го допрела дното. Посакуваме да е така, бидејќи кога ќе се допре дното, единствениот пат е – нагоре.

Зад нас остануваат години на лошо водење на земјата, трагични неуспеси и срамни скандали, дивеење на криминалот и на корупцијата, драматични поделби на народот, чувство на бесперспективност и разочарувачки егодус на илјадници млади луѓе од својата татковина.






За жал, дури и во оваа празнична ноќ не можеме да не се потсетиме на злото. И да прашаме – кој е виновен?

Веројатно многумина се спремни веднаш да ги обвинат партиите и политичарите, има и такви кои прстот ќе го вперат кон меѓународната заедница и кон странските дипломати, сигурно ќе се сетиме и на Грците, на Бугарите, на Албанците, или на некој друг…

Најтешко е да признаеме дека ние самите сме виновни. И дека ние, всушност, во овој момент, ја издржуваме казната за нашето одбивање да партиципираме во политиката.

Строго и праведно сме казнети за тоа што со години ја потценуваме политиката како таква и ја споредуваме со најстариот занает на светот. И за тоа што со децении ширевме стереотипи за политичарите како за нечесни и неспособни луѓе. Казнети сме затоа што ги стигматизиравме и така ги уривавме сите наши демократски институции. Трпиме и поради тоа што се убедивме дека не вреди бидејќи сите се исти и дека поинаку не може ни да биде.

Таа малодушност, тој цинизам, таа инсуфициенција на самопочит веројатно ја има кај сите народи, но кај нас Македонците е типична и хронична.

Остаревме стравувајќи дали Македонија ќе ја биде, скриено очекувајќи одговорот да биде не. Во последниве неколку години, во владината пропаганда доминира дискурсот на еден погубен антимакедонизам. Луѓе, впрегнати во таа пропагандна машинерија, отворено говорат дека Македонија треба да исчезне и дека единствениот начин нејзините жители да влезат во светот на успешните европски нации е, всушност, да се откажат од македонското во себе и од македонскоста во секоја смисла – да се деноминираат, да се откажат од својот национален идентитет, да станат единствената нација што ќе (од)умре по сопствена волја, со политичка одлука донесена во итна постапка и со европско знаменце.

И како одговараме ние на тие провокации?

Гледаме сеир.

Молчиме. Наведната глава сабја не ја сече.

Понекогаш ќе слушнеме цинични и недоветни коментари, од типот – да не им придаваме значење, дефокусираат, итн.

Наместо отпор кон овој антимакедонизам во јавниот дискурс, со кој беа одбележани и некои крупни политички одлуки во последните две години, ние цинично мудрувавме, криејќи ја својата апатија и неспремност да размислуваме со своја глава, да говориме слободно и да ги застапуваме своите ставови и мислења за политичките работи.

Платон вели дека казната за неучествување во политиката е тоа што со нас владеат инфериорните. И тоа навистина е така – сите тие инфериорни човечиња, сите тие медиокритети, сите тие необразовани и неспособни партиски апаратчици се на власт затоа што ние го дозволуваме тоа, одбивајќи да се занимаваме со важните политички прашања дури и тогаш кога политиката суштински ги определува околностите на нашето живеење.

Во 2024 година ќе имаме шанса тоа да го промениме.

Во следните 365 дена секој од нас ќе донесе многу важни и помалку важни лични одлуки кои ќе ги определат нашите приватни животи – нашите одлуки и нашите избори се тоа што ние, всушност, сме.

За човек да донесе правилна одлука, мора добро да размисли, но истовремено и да ја прегрне својата интуиција, а и малку среќа е добредојдена. Ви посакуваме во овој триаголник секој од вас да ги донесе најдобрите одлуки во приватниот живот.

Но, пред нас е и изборна година. Ова е година на надеж, можност секој од нас да учествува во политиката и да донесе правилна одлука за својата земја, одлука со која ќе може спокојно да живее. Нека прозвучи патетично, но ете, ќе речам – Македонија тоа го бара од секој од нас.

Во моментите на одлучување, најдоброто нешто што можете да го сторите е да донесете правилна одлука. Второто најдобро нешто што може да го сторите е да донесете погрешна одлука. Најлошото нешто што можете да го сторите е да не правите ништо.

Немојте да не правите ништо. Само тоа немојте, бидејќи ќе стаса нова казна. Кренете го својот глас, кажете го слободно своето мислење, избирајте и одлучувајте.

Учествувајте!

Најдобриот совет за правилно одлучување е да се водите од сопствените вредности, од сопствениот светоглед. Немојте нив да ги жртвувате во име на т.н. голема слика, во чие име од нас постојано се бараат некакви непринципиелни отстапки. Вистинската голема слика е во нас – таа е насликана со боите на нештата што ние ги сметаме вредни и важни, за нас, за нашите предци што не смееме да ги посрамотиме и за нашите потомци на кои сме должни да им оставиме огниште и достоинство во наследство.

Со еден збор, кога ќе избирате – а избирајте, вашите одлуки ве дефинираат и вас како личности – водете се од вашите вредности, надежи и очекувања

Или, како што вели Нелсон Мандела: Гледајте вашиот избор да ги одрази вашите надежи, а не вашите стравови.

Во тоа име, Плусинфо на сите читатели, деловни соработници, колеги и пријатели им ја честита новата 2024 година и им посакува многу доблесни и храбри одлуки, многу среќа и пред сè здравје и весели мигови.

 

 

Поврзани содржини