НОВА ЕРА ВО БУГАРСКАТА ВОЕНА ИНДУСТРИЈА Германскиот концерн Рајнметал ќе гради фабрика за барут и за гранати во Бугарија
Со заедничко вложување помеѓу Рајнметал и ВМЗ Сопот ќе се гради фабрика за производство на барут, 155-милиметарски артилериски гранати и модуларни системи за полнење, инвестиција од 1 милијарда евра.
Бугарија и германскиот технолошки концерн Рајнметал денеска потпишаа договор за изградба на фабрика за производство на барут и муниција.
Со заедничко вложување помеѓу Рајнметал и ВМЗ Сопот ќе се гради фабрика за производство на барут, 155-милиметарски артилериски гранати и модуларни системи за полнење, објавија бугарските медиуми.
Договорот за фабриката го потпишаа извршниот директор на Рајнметал, Армин Папергер и директорот на Одделот за оружје и муниција на концернот, Роман Кионе, а од бугарска страна го потпиша извршниот директор на ВМЗ Сопот, Иван Гецов. На церемонијата присуствуваа премиерот на Бугарија, Росен Жељазков, министерот за економија и индустрија Петр Дилов, како и лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов.
– Има многу работа што треба да се направи, за да се создаде огромен потенцијал со бугарската фабрика. Ќе изградиме предвидливост со нашите партнери. Димензиите се политички, бидејќи проектот не би бил можен без ЕК и без НАТО – рече премиерот Жељазков.
Тој посочи дека придобивки од оваа соработка, меѓу другите, ќе бидат и трансферот на технологијата и знаењето, како и развојот на висококвалификувана работна сила и регионалниот развој. Жељазков му се заблагодари и на Бојко Борисов за политичката волја што овозможи реализација на проект од ваков обем.
Пепергер, од своја страна, изрази очекување дека и други европски концерни ќе инвестираат во бугарската воена индустрија. Тој им се заблагодарува на администрацијата на Жељазков, како и на Борисов за успешниот почеток.
Министерот Дилов рече дека денеска е значаен ден за Бугарија и за Германија.
– Почнуваме стратешко партнерство меѓу Бугарија и Рајнметал, партнерство кое ќе ја промени иднината на бугарската одбранбена индустрија. Ова е стратешки проект и за цела Европа, можеме да изградиме одржлив одбранбен капацитет за зајакнување на безбедноста на целиот регион – додаде тој.
Инвестициите во фабриката ќе изнесуваат над 1 милијарда евра, а се очекуваат 1.000 висококвалификувани работни места.