НОВА ЕПИЗОДА ВО СОБРАНИСКАТА САПУНИЦА ЗА ЗАКОНОТ ЗА БРАНИТЕЛИ Се бара комисиски став дали Гаши го крши Деловникот
Пратеникот од СДСМ Јован Митрески побарал од претседателот на Собранието Африм Гаши да ја задолжи Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да свика седница на која ќе се толкува примената на членот 126, став 3 од Деловникот, во врска со измените на Законот за бранителите.
Потпретседателот на Собрането и пратеник од СДСМ Јован Митрески денеска побарал од претседателот Африм Гаши да ја задолжи Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да свика седница на која ќе се толкува примената на членот 126, став 3 од Деловникот, а во врска со несвикувањето на Комисијата за социјална политика која треба да ги разгледа измените на Законот за бранителите.
– Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски пред 10 дена поднесе барање до претседателот на Собранието дали и кога ќе ја свика седницата на Комисијата за социјална политика за разгледува на овој закон, по ист терк како што беше свикана Комисијата за финансирање и буџет на која се разгледа законот за кредитот од Унгарија. До овој момент нема одговор и најверојатно нема ни да има. Ако се сигурни и ако спикерот Гаши е сигурен во неговото образложение за Деловникот, барам да се свика надлежната Комисија за деловнички прашања и таму да ги судриме аргументите. Ова е шанса и за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да докажат дека реално се залагаат за решавање на проблемот, а нивната заложба не е само декларативна – рече денеска Митрески на прес-конференција во Собранието.
Пратеникот истакна дека би причекале „разумен период, до крајот на неделава“, пред да преземат понатамошни чекори, доколку Гаши не ја свика седницата на Комисијата за деловнички прашања.
Според член 126 од Деловникот, доколку претседаелот на одредена собраниска комисија не свика седница во утврдениот рок, таа седница треба да ја свика претседателот на Собранието.
Проблемот со Законот за бранителите, поднесен од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, настана откако претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути од Европскиот фронт не свика комисиска седница на која точка на дневен ред е Законот за бранители. Во предвидениот рок од 24 часа откако на пленарна седница се одлучи дека има потреба да се донесат законските измени за бранителите, Даути ја свика комисијата, но на дневен ред беше само законот со кој се покачија пензиите. Таа тогаш рече дека нема намера да го става тој „дискриминирачки закон“ на дневниот ред,
Претседателот Гаши, пак, рече дека тој нема да ја свикува комисиската седница затоа што претседателката Даути веќе ја свикала во предвидениот рок, а тоа што законот за бранителите не беше на дневен ред, не е опфатено со Деловникот.