НОВА ЦЕНА НА ПАРНОТО ВО СКОПЈЕ ОД НОЕМВРИ Се прават пресметки колку ќе нѐ „изгорат“
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика нагласува дека одлуката што ќе ја донесе РКЕ нема да подлежи на ревидирање и доколку Бугарија не се повлече од таксата што ја воведе за транспорт на руски природен гас.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до крајот на месецов ќе донесе одлука за цената на парното во Скопје што ќе важи од следниот месец, потврди за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Според првиот човек на РКЕ, започнати се активностите за поставување на топловодот под мостот „Беласица“ во Скопје што беше опожарен, со што се исполнуваат предусловите кои РКЕ ги бара четири месеци за да може да донесе одлука за цената на струјата.
-Со тоа РКЕ сега ќе отпочне со пресметките за нова цена на парното што ќе стартува да важи од ноември. Финалната одлука ќе биде донесена кон крајот на месецов – вели Бислимоски.
Тој информира дека комисијата веќе остварила комуникација со трите државни компании кои се задолжени за парното.
-Постапката за определување на цената на парното ќе ја продолжиме со податоците од компаниите кои ги добивме во јуни. Дополнително во текот на вчерашниот ден побаравме одредени апдејтирани податоци за трошоците за набавка на природен гас, бидејќи се поминати веќе три месеци. Тоа го направивме со цел да имаме поточна и попрецизна одлука. Со тоа ќе користиме податоци од претходно и податоци кои ќе ги добиеме денеска или утре – изјави Бислимоски.
Тој нагласи дека РКЕ нема да дозволи никакви ценовни шокови.
-Вообичаено има инфлација, зголемени трошоци за набавка на одредени материјали како што е во сите индустрии, но најголемиот трошок се однесува на цената на природниот гас и на топлината која треба да се набави од ТЕ-ТО. Во најголем дел при носењето на одлуката за цената ќе бидеме сконцентрирани токму на овие трошоци. Со оваа одлука треба да се врати и заемот што го даде Владата во јануари 2022 година. Дали заемот ќе го вратиме одеднаш или на одреден период зависи како ќе изгледаат резултатите за крајната цена – прецизира Бислимоски.
Тој се надева дека и во наредниот период ќе продолжат поддршката и субвенциите од страна на Владата и додаде дека за тоа не носи одлука РКЕ, туку Владата.
-Верувам дека ќе се изнајде начин како и понатаму да им се помага на граѓаните на Градот Скопје во делот на цената на топлинската енергија -рече Бислимоски.
Тој смета дека одлуката што ќе ја донесе РКЕ нема да подлежи на ревидирање и доколку Бугарија не се повлече од таксата што ја воведе за транспорт на руски природен гас.
-Нашата одлука нема да има ревидирање. Согласно податоците што ги имам во текот на минатата недела имало тендер за набавка на природен гас од страна на ЕСМ и цената која ја добиле е во рамките на очекуваното и во однос на цената на најголемата берза во Холандија. Најверојатно таму се веќе влезени и тие 10 евра – рече Бислимоски.