Нова алатка во откривањето на коронавирусот – компјутерска томографија засилена со иновативни софтвери (ВИДЕО)

3,956

Несекојдневна вест пред два дена стаса од Луксембург. Според веста на „Луксембург тајмс“, од денеска (15 април), четири моќни скенери за компјутерска томографија, распоредени во четирите болници во оваа мала земја, ќе го дијагностицираат присуството на ковид-19 кај пациентите, многу побрзо и поефикасно од тестовите.

Во споредба со класичниот брз серолошки тест, чии резултати стасуваат за околу 20 минути, КТ-скенерот може да заврши работа за неколку секунди. Една машина може да скенира околу 40 пациенти дневно. Овие скенери во Луксембруг ќе бидат сместени во контејнери, па така суспектните пациенти воопшто нема да влегуваат во болниците. Предноста на овој начин на утврдување на инфекцијата е што таа ќе се открива во рана фаза, а во одделни случаи и тогаш кога тестовите се негативни, убедени се луксембуршките лекари.






Дали е ова точно?

Што покажа кинеското искуство?

Во екот на епидемијата вои кинеската провинција Хубеи, некаде во февруари годинава, провинциската здравствена комисија одлучи да почне да ги признава резултатите од компјутерска томографија, радиолошки метод на снимање на пациентите, како потврда за инфекцијата. Пред тоа, провинцијата Хубеи претходно ги признаваше само резултатите од тестовите со рибонуклеинска киселина, кои покажуваат присуство на вирусот, но како што се потврди насекаде во светот, потребно е извесно време да се добијат резултатите.

Користењето на КТ-скенер во може брзо да покаже инфекции на белите дробови, така што пациентите можат навреме да почнат со лекување и со тоа да се зголеми и можноста да бидат излекувани. Како што пишува Имиџинг технолоџи њуз на 26 февруари, резултатите од една студија спроведена врз 1.000 пациенти, публикувана во Радиолоџи на 20 февруари, ги поттикнала истражувачите на смелото тврдење дека компјутерската томографија треба да се користи како примарна алатка за утврдување на присуството на ковид-19. КТ-скен на градите е рутинска алатка за дијагностицирање на пневмонија, но студијата покажала дека сензитивноста на оваа алатка на инфекција на ковид-19 е 98 отсто, додека вкупната сензитивност на тестовите (RT-PCR, серолошки и молекуларни), е утврдена на 71 процент.

Во студијата биле вклучени 1.014 пациенти, кои биле подложено и на КТ-скенирање и на серолошки и молекуларни тестови, во периодот меѓу 6 јануари и 6 февруари годинава. Резултатите покажале дека 601 пациент биле позитивни на тестовите, но затоа 888 имале позитивни наоди на КТ-скеновите на градите. Од пациентите со негативни наоди од тестовите, 75 отсто (308 од 413) имале позитивни наоди на КТ-скеновите.  Од овие, пак, 48 отсто се „рубрицирани“ како „мошне веројатно заразени“, додека 33 отсто како „веројатно заразени“.

Моќта на вештачката интелигенција

Сепак, два клучни проблема го поттикна скептицизмот на медицинските експерти во февруари (посебно во САД, во периодот кога тамошните власти пропуштија да ја предвидат катастрофата што им се закануваше): од една страна, на искусен лекар му се потребни 15 минути квалитетно да ги интерпретира резултатите од еден КТ-скен; од друга страна, за да се откријат некои специфични наоди кои укажуваат на инфекција со ковид-19 и за да се направи разлика со друга респираторна инфекција, сепак е потребно големо искуство, кое се стекнува со долготрајна работа, што ќе рече со многу „прочитани“ скенови, многу споредување и многу проучување на туѓите искуства.

Одговорот на овој проблем се вика – артифициелна (вептачка) интелигенција. Внимателно погледнете го ова видео, кое на едноставен начин ја објаснува оваа солуција:

Значи, како функционира оваа спасоносна алатка? AI imaging алатката проучува илјадници КТ-скенови (во видеото се спомнува бројка од 5.000) и креира алгоритам, способен, врз основа на „наученото“, да ја „прочита“ снимката за помалку од 20 секунди и да ги утврди знаците на инфекција со ковид-19 со точност од 96 отсто.

На 31 март, сaјтот IEEE Spectrum објави статија во која најави дека повеќе компании во светот најавија бран на системи базирани на артифициелна интелигенција за детектиорање на ковид-19 со компјутерска томографија. Во повеќе болници во светот оваа аклатка веќе се користи за утврдување на средно тешките и тешки слуачи, а во скора иднина оваа технологија ќе може да предвиди во кои случаи ќе биде потребна механичка вентилација или лекување во болнички услови, а во кои случаи пациентите ќе се лекуваат дома.

Се пробива моќен американско-израелски софтвер

Еден таков софтвер разви RADLogoics, компанија која е базирана во Бостон и во Тел Авив, а се занимава со развој на софтвери за вештачка интелигенција во здравството. Оваа компанија развила моќна софтверска алатка која претставува, всушност, машина за брза и  ефикасна интерпретација на КТ-скенови, за рано откривање на инфекција со ковид-19. Покрај детекцијата, овој систем пружа и многу други предности во поглед на третманот на болеста и следење на заразата.

За ова софтверско решение, во една статија на Бизнис инсајдер, се вели дека американско-израелската компанија веќе го распоредува својот систем во болници во САД и во Италија, двете земји најсилно погодени од пандемијата, но и во Русија. Истовремено, треба да се каже и тоа дека Американскиот колеџ за радиологија новата алатка не ја дочекал со одобрување, упатувајќи на тешкотиите да се направи разлика меѓу инфекцијата со ковид-19 и други респираторни инфекции. Наспроти ова, мнозинството експерти во САД велат дека во следните пет години, оваа алатка ќе се покаже како „високоимпактна“.

Но ете, изгледа нема да мора да чекаме пет години. Малата земја Луксембург, која и сега има добри резултати во менаџирањето на коронакризата, уште сега ќе се потпре на компјутерската томографија како клучна алатка во откривањето на ковид-19. Сосема за крај, да го додадеме и тоа дека Македонија располага со завиден број КТ-скенери, но не располагаме со информации дали некоја од нив е засилена со ваков софтвер и дали воопшти кај нас КТ-скеновите се користат за дијагностицирање на опаката болест.

 

Поврзани содржини