НОВ УДАР ЗА ВОЗАЧИТЕ, ГОРИВОТО ПОСКАПУВА Од полноќ нови цени на бензините и дизелот

Новите цени стапуваат на сила ноќеска, а корекциите се резултат на светските берзански движења и курсот на доларот.

3,264

Од ноќеска на полноќ, цените на горивата повторно се менуваат. Бензините поскапуваат за еден денар по литар, а дизелот се зголемува за половина денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Со новата одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,64 отсто во однос на претходната корекција.






„Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 75 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 77 денари, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 68 денари, додека Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) ќе чини 67,5 денари за литар“, информираат од РКЕ.

Од Комисијата појаснуваат дека, и покрај зголемувањето кај бензините и дизелот, цената на мазутот бележи намалување.

„Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,378 денари по килограм и ќе изнесува 38,265 денари“, велат од РКЕ.

Причините за новите цени се должат на светските берзански движења. „Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат раст кај бензините за просечни 1,985 отсто, кај дизелот за 1,915, а кај екстра лесното масло за 1,244 отсто. Кај мазутот, пак, е регистрирано намалување за 1,246 отсто“, појаснуваат од Регулаторната комисија.

Дополнително, курсот на денарот во однос на американскиот долар е понизок за 0,123 отсто, што исто така влијаело врз пресметката на цените.

Поврзани содржини