НОВ УДАР ЗА ЕВРОПСКАТА АВТО-ИНДУСТРИЈА Трамп воведе царина од 25% на сите автомобили
Царината ќе стапи на сила на 2 април, истиот ден кога Трамп планира да објави одмазднички тарифи против американските трговски партнери.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа потпиша извршна наредба со која се воведува нова царина од 25% за сите автомобили увезени во САД, со цел да се поттикне домашната автомобилска индустрија.
Царината ќе стапи на сила на 2 април, истиот ден кога Трамп планира да објави одмазднички тарифи против американските трговски партнери.
Трамп рече дека мерката ќе доведе до „огромен раст“ за американската автомобилска индустрија, ветувајќи дека ќе поттикне нови работни места и инвестиции во САД.
– Овие тарифи ќе дојдат како дополнување на веќе постоечките – додаде тој, говорејќи од Овалната соба.
Трамп рече дека не е особено загрижен за падот на пазарот што му претходеше на објавувањето на новите царински стапки.
– Сето тоа ќе успее – рече тој.
Сегашната тарифа за странски автомобили во САД е 2,5%, така што ова е значително зголемување.
Приближно половина од сите продадени автомобили во САД се увезени.
Царините за увезените автомобили се голем удар за европските производители на автомобили и ќе го зголемат притисокот врз Европа да одговори со контрамерки. САД се најголемиот пазар за европски автомобили, со речиси една четвртина од сите возила извезени од ЕУ.
Трамп најави и дека САД ќе воведат царини за увезени фармацевтски производи и дрва.