Нов тест кој преку здив може да го открие вирусот ковид-19 за неколку секунди

Новиот тест би можел многу да помогне во работата на брзата помош, велат научниците.

1,209

Раното тестирање на новиот тест за коронавирус отвора можност за „брзо препознавање“ на болеста – резултатите би биле познати за неколку секунди, наместо со часови.

Истражувањата покажуваат дека со методот на анализа на здив развиен во Велс, веднаш може да се знае дали некој има ковид-19.






Резултатите ги објави „Lancet“ по тестирањето на новиот тест во Шкотска и Германија.

Програмерите на „Imspex Diagnostics“ рекоа дека нивните уреди би можеле да бидат подготвени за употреба за шест месеци – доколку успеат да обезбедат финансирање.

– Мислам дека има голем потенцијал – рече основачот и извршен директор на компанијата Санти Домингез.

Тој вели дека таквиот брз тест може да најде употреба надвор од болничката средина.

– Можете да ја видите потенцијалната употреба во авијацијата, во транспортот воопшто, во имиграцијата. Можете брзо да земете примерок, тестот не е инвазивен, не ви треба специјално обучен персонал за да ги соберете тие примероци – и резултатот го добивате неколку минути подоцна – вели тој.

Најновата технологија ја разви „Imspex“ во седиштето на компанијата во Јужен Велс.

Првично технологијата се користела за развивање на тестови за откривање на болести, како рак на белите дробови и за брзо разликување на бактериските и вирусните респираторни болести.

Но, бидејќи новиот вид коронавирус донесе глобална пандемија, компанијата одлучи да ги насочи своите дијагностички напори во таа насока.

– Имаме искуство во таа област. Кога се појави ковид-19, тој нè натера да се свртиме во таа насока и да придонесеме во напорите  – додаде директорот на „Imspex Diagnostics“.

Досега се извршени два теста за новата технологија на болнички пациенти во Единбург и Дортмунд, Германија, кога штотуку се појави коронавирусот.

Студијата, предводена од универзитетот „Лофбороу“, е создадена додека работела на триаголен проект за помош на службите за итни случаи во време на катастрофа.

Истражувачите се обиделе да утврдат дали технологијата може да разликува пациент со ковид-19 од еден со друг вид на инфекција на градите.

Технологијата работи со анализа на хемикалии од здивот на пациентот, што може да покаже зошто пациентот е болен и дали има проблеми со дишењето.

Тестовите беа во можност да откријат траги на ковид-19 во хемикалиите, што потоа беше потврдено со повеќе традиционални и инвазивни тестови со брисеви.

Во 80 проценти од случаите, тие беа во можност точно да предвидат дали пациентот има ковид-19 – разликувајќи ја болеста од другите што носат со себе проблеми со дишењето, како што се астма или бактериска пневмонија.

Во една студија во Единбург, истражувачите идентификувале и хемиски соединенија кои имаат „значителна предвидлива моќ“ за сериозноста на инфекцијата со коронавирусот.

Оваа техника може да покаже кои се најранливите пациенти.

Научниците заклучија: „Доколку се докаже дека е веродостојна, технологијата нуди можност за брзо идентификување или исклучување на ковид-19 во одделите за итни случаи или примарната здравствена заштита, со што ќе се подобри грижата за пациентите и безбедноста на здравствените работници“.

– Развојот и одобрувањето на овој пристап може да овозможи брза дијагностика на ковид-19 во следните ендемски сезони на грип – додаваат тие.

Пол Томас, од одделот за хемија на Универзитетот „Лофбороу“, рече дека резултатите „силно го охрабруваат“.

Сепак, ова се уште се мали студии, во кои учествувале околу 100 пациенти.

Компанијата што ја произведува опремата изјави дека сепак треба да ја усоврши технологијата пред да биде подготвена за употреба во секојдневните ситуации, без разлика дали се во болници или во други средини, како што се аеродромите.

– Ние сме мала компанија, ако требаше сами да го сториме ова со сегашните ресурси што ги имаме, ни требаат од 12 до 18 месеци за да најдеме решение. Но, веројатно би можеле да се појавиме на пазарот за помалку од шест месеци со вистинска поддршка – рече Санти Домингез.

Тој рече дека ова откритие сега е приоритет на компанијата.

– Веќе имавме одредена поддршка од владата на Велс. Тоа ни беше од голема помош кога стигнавме до местото каде што сме. Но, сега е време кога навистина сакаме да ја зголемиме брзината, ако сакате – рече тој.

– Едно е да се донесе технологијата до точката каде што е одобрена и може да се користи, но тогаш мора да бидете во можност да ја направите во доволен број – не е добро ако можете да направите само неколку – додава Домингез.

Поврзани содржини