НОВ СКАНДАЛ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ЗОШТО ПАЈАЗИТИ И НАТАМУ Е СУДИЈА? Левица реагира што не е разрешен судијата што овозможува бегства и не пријавува имот

Одлуката на Судскиот совет да го кази судијата Пајазит Пајазити со намалена плата е скандалозна имајќи предвид дека Пајазити ги исполнува и двете законски основи за разрешување: нестручно и несовесно вршење на судиската функција и сторена потешка дисциплинска повреда, соопшти Левица.

508

Партијата Левица реагира што Судскиот совет не го разреши контроверзниот судија од Кривичниот суд Пајазит Пајазити. Иако се исполнети законските услови Пајазити да биде разрешен, Судскиот совет го казни со 30 отсто пониска плата, затоа што му даде куќен притвор на припадникот на поранешната УЧК Блерим Рамадани, по штој избега.

„Судијата Пајазит Пајазити, кој на припадникот на терористичката УЧК Блерим Рамадани баран со потерница од Интерпол, му определи екстрадиционен куќен притвор и му овозможи да се даде во бегство во Косово, од Судскиот совет наместо разрешување, доби само 30% пониска плата.
Оваа одлука на Судскиот совет е скандалозна имајќи предвид дека Пајазит Пајазити ги исполнува и двете законски основи за разрешување: нестручно и несовесно вршење на судиската функција и сторена потешка дисциплинска повреда“, соопшти Левица.






Согласно Законот за судовите, се вели во соопштението, за потешка дисциплинска повреда се смета, меѓудругото, и одбивање на судијата да поднесе изјава за имотна состојба и интереси или ако податоците содржани во изјавата во голема мера се невистинити.

„Името на судијата Пајазит Пајазити не може да се најде на веб-страницата на ДКСК, па така, неговата имотна состојба е недостапна за јавноста и за Антикорупциската комисија, иако тој бил должен да приложи анкетен лист во законски определен рок и навремено да ги пријавува сите промени. Скандалозно е што на волку озогласен судија со спорни одлуки зад себе со предизвикани тешки последици, кои алудираат на корупција, надлежните органи си дозволиле да не следат никаков траг на имотот или да ја проверат веродостојноста“, реагира Левица.

За нестручното и несовесното работење на овој судија говорат две бегства, неодредувањето притвор на Беким Незири и уште тројца други осомничени во насилниот инцидент во М-НАВ, одредувањето на условна казна од една година на поранешниот народен правобранител Иџет Мемети кој призна дека примал мито, додава Левица.

„Пајазити како судија за извршување на санкциите го игнорираше начелото на итност, и покрај изминатиот период за доброволно пријавување во затворот не издаде веднаш наредба за пронаоѓање и спроведување на осудениот Груевски во затвор, туку почека неколку дена, со што му овозможи бегство поради неажурност. Во случајот со Блерим Рамандани, судијата Пајазит одлучи на странски државјанин да му определи домашен притвор кај роднини, а полицијата на Тошковски не постави обезбедување, односно надзор над обвинетиот за тероризам. Овие здружени `пропусти` му овозможија на Блерим Рамадани глатко да ја помине македонската граница, а коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ се пофалија дека го ослободиле терористот на УЧК.  Оваа одлука на Судскиот совет со која на судијата Пајазит Пајазити му се овозможува да продолжи да биде судија, дополнително широко отвора врати за подлабока корупција и продлабочувањето на недовербата во судството“, соопшти Левица.

Поврзани содржини