НОВ СКАНДАЛ СО ТЕНДЕРИ ВО РЕК БИТОЛА Стојаноски бара СДСМ да каже каде завршила разликата во цени од 90 милиони денари
Пратеникот најави одговорност и го повика обвинителството да го истражи тврдењето и да поведе постапка.
Раководството во заминување на ЕСМ и РЕК Битола во период од еден месец распиша десетина тендери, кои очигледно смрдат на криминал и корупција изјави денеска на прес конференција пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски
Тој најави одговорност и повика СДСМ да каже каде завршиле над 90 милиони денари разлика во цени од тендер во РЕК Битола даден на „Марковски компани“, а обвинителството да отвори постапка.
-За да се воочи што правело раководството на ЕСМ треба првин да го погледнеме договорот кој што претпријатието преку РЕК Битола го склучило со „Марковски компани“ на 08.05.2023 година, за ремонтни активности по цена од 1.516 денари од час. А потоа да го погледнеме договорот од 17.07.2024 година за ремонтни активности на истата „Марковски компани“, склучен по цена од 3.947 денари саатнина. За една година за случен вид на активности РЕК Битола и плаќа на Марковски компани 2.5 пати повеќе за саат извршена работа. Важно е да се разбере дека „Марковски компани“ и во 2023 година не работела со загуба на тендерот туку имала заработувачка. Па оттука се поставува прашањето каде завршила разликата во цена од 2.5 пати? – праша Стојаноски.
Според него, случајот е сомнителен и по уште една споредба.
-Овој случај станува уште пофрапантен кога ќе се земе вкупната цена на тендерот од 2023 година, кој е 14.7 милиони денари и вредноста на тендерот од 2024 година кој е 208 милиони денари.Логички се поставува прашањето каде завршиле над 90 милиони денари, т.е. над 1.5 милиони евра? Дали ова се пари со кои треба да се финансира СДС од опозиција? СДС да каже каде е разликата од над 90 милиони?- вели тој.
Тој рече и дека е доволно е ЈО да ги спореди двата договори и веднаш да има истрага и апсење.
-Очекуваме ЈО да не спие и да почне со работа. Во спротива и тие стануваат соучесници во овој криминал, за кој во целост ќе има одговорност- рече Стојаноски.