НОВ ПРАВИЛНИК ЗА ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКА ИНФРАСТРУКТУРА Во 5 града прво ќе се проба одржливата урбана мобилност

726

Министерството за транспорт креира нов Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура во општините, истакна потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на конференцијата посветена на подобрување на урабниот транспорт.

– Министерството за транспорт се приклучува кон најголемата европска кампања за подигање на свеста за одржлив транспорт и подобрување на квалитетот на живот во градовите, со што ја потврдуваме нашата посветеност да се движиме во ист правец со најдобрите европски практики. Со Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година предвидена е мерка за поддршка на поголемите градови за изработка на планови за одржлива урбана мобилност. Поддршката вклучува развивање на планови за одржлива урбана мобилност за Кавадарци и Прилеп, Кочани, Струмица и Струга, во согласност со насоките за развивање и имплементација на планови за одржлива урбана мобилност на ЕУ – истакна Николоски.






Тој потенцира дека Министерството особено внимание посветува на унапредување на стандардите за велосипедската инфраструктура со цел да се зголеми безбедноста на велосипедскиот сообраќај.

– Во Законот за јавни патишта предвидовме основа за донесување Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура, а во соработка со граѓанскиот сектор изработивме предлог Правилник којшто ќе биде донесен во текот на следниот период. Со ова, сакаме да испратиме порака дека велосипедот како симбол на одржлива мобилност е рамноправно превозно средство, а не само средство за рекреација. Со поддршка од државата и со визија на општините, можеме да изградиме градови кои се поодржливи, побезбедни и подобри места за живеење – истакна Николоски.

Денешната конференција се организира во рамки на Европската недела на мобилност под мотото „Мобилност за секого“.

 

Поврзани содржини