Нов патријарх на СПЦ, стар проблем за МПЦ-ОА
Нашите владици се плашат дека новиот патријарх, кој е поприлично млад, нема да успее да му се спротивстави на својот духовен татко, кој ќе ја користи секоја можност да влијае врз одлуките на своето духовно чедо, вклучувајќи ја и одлуката за одмрзнување на преговорите со МПЦ-ОА.
На вчерашниот избор за нов патријарх на Српската православна црква (СПЦ), митрополитот загрепско-љубљански г. Порфириј освоил само еден глас повеќе од владиката Иринеј бачки, кој всушност е и негов духовен татко, дознава Плусинфо од извори во СПЦ.
Со оглед на тоа што владиците од Македонската православна црква (МПЦ-ОА), непосредно пред изборот на нов патријарх во Белград, јавно посочија дека го молат Господ на тронот на СПЦ само да не седне Иринеј бачки, бидејќи, како што рекоа, тој најмалку би ни одговарал доколку сакаме брзо решавање на црковниот проблем, сепак, очигледно е дека ниту сега, колку тие и да кријат, нашите владици не се задоволни од изборот.
Причина за незадоволството е токму тој близок однос помеѓу бачкиот владика Иринеј и неговото духовно чедо Порфириј, а сегашен патријарх. Како што за Плусинфо брифираат извори од МПЦ-ОА, нашите владици се плашат дека новиот патријарх, кој е поприлично млад, нема да успее да му се спротивстави на својот духовен татко, кој ќе ја користи секоја можност да влијае врз одлуките на своето духовно чедо, вклучувајќи ја и одлуката за одмрзнување на преговорите со МПЦ-ОА.
Порфириј е духовно чедо на бачкиот владика Иринеј, кој е познат како антимакедонски расположен човек, па можно е да се очекува негово влијание врз патријархот..
Митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, за Плусинфо вели дека Порфириј е човек кој реално гледа на работите, но дека сепак постои можност да дозволи туѓо влијание врз неговите одлуки.
– Многу е рано сега да се зборува дали новоизбраниот српски патријарх Порфириј ќе делува под влијание на другите. Можам да кажам само дека тој е интелигентен човек, отворен, расположен е да сослуша и реално гледа на работите. Сепак, за главните и најважните работи не одлучува само еден човек, иако е тој поглавар на СПЦ. Многу работи ќе зависат од него, но сепак, постојат тела и органи како што се Синодот и Соборот. Наскоро ќе видиме колку ќе успее новиот патријарх да ги наметне своите сопствени ставови. Но, со оглед на тоа што Порфириј е духовно чедо на бачкиот владика Иринеј, кој, пак, е познат како антимакедонски расположен човек, можно е да се очекува големо влијание врз неговото работење. За жал, бачкиот владика Иринеј се однесува како патријарх на СПЦ веќе долги години, но искрено се надевам дека Порфириј ќе изнајде начин да му се спротивстави и да носи разумни одлуки – изјави г. Тимотеј.
Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, вели дека патријархот Порфириј во своите настапи нема особено изграден став за македонските аспирации за автокефалност, но она што може да се забележи од неговите видувања за Косово, Црна Гора и Хрватска, додава тој, е неговиот протекционистички порив кон проширените граници на СПЦ согласно Томосот за автокефалност од 1922 година.
– Може да се каже дека Порфириј има искуство во проширените граници на СПЦ, бидејќи последните шест години ги има поминато како митрополит загрепско-љубљански, што воопшто не е лесна задача доколку се земе предвид наследството од војните од 90-тите години. Истовремено, новиот српски патријарх се чини дека има големо искуство со српските државни органи, како на пример војската на Србија со воведувањето на верската служба во 2010 година. Порфириј не е еден од гласните критичари на владеењето на српскиот претседател Александар Вучиќ, па така се очекува дека во најмала рака нема да ја отежни соработката на црквата со државата. По однос на главните прашања доминантни за СПЦ, новиот патријарх не отстапува многу од неговите претходници. Тој е замонашен во манастирот Високи Дечани на Косово и неговиот став по однос на косовското прашање се чини доста втемелен. Во една негова изјава вели дека без Косово српскиот народ нема иднина – објаснува Богдановски.
Слично и со односите со Црна Гора, посочува тој, каде за време на протестите во 2020 година против законот за слобода на вероисповест и намерите на Мило Ѓукановиќ за автокефална црногорска црква, Порфириј излезе во цврста одбрана на позициите на СПЦ.
– Намерите на тогашното црногорското раководство ги нарече терор врз црквата кои биле слични како во времето на Енвер Хоџа. Меѓутоа Порфириј се чини дека има незначително искуство со две прашања кои ќе го втурнат многу брзо во високата црковна политика, а тоа е украинското прашање и аналогно на тоа односите со Руската православна црква (РПЦ). И покрај геополитичката магнитуда на украинските религиозни случувања и одлучниот став на СПЦ против доделување на автокефалија, таму Порфириј беше изземен од оваа дебата, што е несвојствено за еден од повидните владици на СПЦ. Слично и со прашањето за МПЦ-ОА. Порфириј во своите настапи нема особено изграден став за македонските аспирации за автокефалност, но она што може да се забележи од неговите видувања за Косово, Црна Гора и Хрватска е неговиот протекционистички порив кон проширените граници на СПЦ согласно Томосот за автокефалност од 1922 година – вели Богдановски.