НОВ ОГАН ОТВОРА СТАРИ РАНИ Зошто се напаѓаат Тајланд и Камбоџа?
Граничните спорови меѓу Тајланд и Камбоџа се долгогодишен извор на тензии, поттикнати од колонијална карта од 1907 година, која Камбоџа ја користи како доказ за своите територијални барања, додека, пак, Тајланд ја смета за невалидна. Најжестоките судири се воделе околу древниот храм Преах Вихеа, симбол на спорната граница.
Вооружени судири избувнаа во четвртокот меѓу Тајланд и Камбоџа во долгогодишно оспорувани гранични области, бргу ескалирајќи ги напнатостите што траат со месеци.
Во судирите имало истрели, гранатирање и ракетни напади, при што тајландските власти соопштија дека загинале најмалку 9 цивили и биле повредени уште 14 во 3 покраини. Тајланд одговорил со воздушни напади.
Ова е втора вооружена конфронтација од мај, кога камбоџански војник беше убиен од истрел, и претставува голема ескалација што се случи само неколку часа откако двете земји ги намалија дипломатските односи по експлозија на нагазна мина во која беа повредени тајландски војници.
Судирите продолжуваат во најмалку 6 зони долж границата, соопшти Министерството за одбрана на Тајланд. Првиот судир во четвртокот наутро се случил во близина на древниот храм Та Муен Том, на границата меѓу тајландската провинција Сурин и камбоџанската провинција Оддар Менчеј.
Што треба да се знае за спорот меѓу двете југоисточноазиски земји?
Спорот се разгоре во мај, откако армиите на Тајланд и Камбоџа накратко пукаа една кон друга во релативно мала, оспорувана гранична зона, што двете држави ја сметаат за своја територија, анализира Асошиејтед прес.
Двете страни тврдеа дека дејствувале во самоодбрана. Еден камбоџански војник беше убиен.
Иако двете земји тогаш изјавија дека се согласиле да ја деескалираат ситуацијата, камбоџанските и тајландските власти продолжија да преземаат или да најавуваат мерки кои не вклучуваат директна воена сила, но ја одржуваа тензијата висока.
Тајланд воведе строги ограничувања на границата со Камбоџа, дозволувајќи преминување само за ученици, пациенти и за други со суштински потреби. Во четвртокот, властите најавија целосно затворање на границата.
Камбоџа, пак, забрани емитување тајландски филмови и серии, стопираше увоз на тајландски горива, овошје и зеленчук и ги бојкотираше некои интернет врски и снабдувањето со електрична енергија од својот сосед.
Судирите предизвикуваат политички превирања во Тајланд
Националистички чувства од двете страни ја разгоруваат ситуацијата.
Тајландската премиерка Паетонгтарн Шинаватра беше суспендирана на 1 јули за да се истражат можни етички прекршувања поради нејзиното постапување во спорот, откако беше објавен таен телефонски разговор со висок камбоџански лидер.
Во разговорот од јуни, Паетонгтарн го нарекува поранешниот премиер на Камбоџа, Хун Сен, „вујко“, и ја критикува тајландската воена команда – изјави кои критичарите ги оценија како непочитување на националниот суверенитет.
Хун Сен во 2023 година беше наследен од својот син Хун Манет, но останува влијателен како претседател на Сенатот. Тој бил долгогодишен пријател на нејзиниот татко, Таксин Шинаватра – популарен, но поларизирачки поранешен премиер – но нивното пријателство се расипало поради граничниот спор.
Протечениот разговор предизвика бес и масовни протести. Коалицијата на Паетонгтарн, предводена од партијата Пху Тај, ослабе кога нејзиниот втор најголем партнер, партијата Бумџаитај, ја повлече поддршката, наведувајќи дека таа била „преблага“ кон Камбоџа.
Паетонгтарн се извини и тврдеше дека нејзините изјави биле „преговарачка тактика“. Нејзиниот сојузник, поранешниот министер за одбрана Пумтам Вечајачај, беше назначен за вршител на должноста премиер.
Тензиите се засилиле откако Камбоџа го добила храмот Преах Вихеа
Граничните недоразбирања се долготраен проблем што предизвикува повремени тензии меѓу двете земји. Тајланд и Камбоџа имаат заедничка копнена граница од повеќе од 800 километри (500 милји).
Спорните тврдења произлегуваат главно од карта од 1907 година, изработена под француска колонијална управа, која го раздвојувала тогашниот Сијам (Тајланд) од Камбоџа. Камбоџа ја користи таа картата како основа за територијални барања, додека, пак, Тајланд тврди дека картата е неточна.
Најпознатиот и најкрвав конфликт се случи околу 1.000-годишниот храм Преах Вихеа.
Во 1962 година, Меѓународниот суд на правдата му ја додели сувереноста над областа на храмот на Камбоџа – одлука што стана траен извор на тензии.
Во 2011 година, Камбоџа повторно се обрати до судот по неколку судири со тајландската армија, при кои загинаа околу 20 луѓе и беа раселени илјадници. Судот ја потврди претходната пресуда во корист на Камбоџа во 2013 година.
Камбоџа повторно се обрати до меѓународниот суд за решавање на споровите, но Тајланд ја отфрли неговата надлежност.