НОВ ОБИД ЗА ЗАУЗДУВАЊЕ НА ИНФЛАЦИЈАТА Народна банка ја зголеми основната каматна стапка на 3,5 отсто
За ист процент се зголемени и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена.
Растот на инфлацијата во септември ја натера Народна банка уште еднаш да ја зголеми основната каматна стапка за 0,5 отсто и таа сега изнесува 3,5 отсто. За ист процент се зголемени и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена.
„При носењето на одлуката беше обрнато особено внимание на нагорните придвижувања на инфлацијата, којашто во септември повторно забрза, исклучиво поради прехранбената и енергетската компонента. Исто така, со оглед на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, промените во домашната монетарната политика ги одразуваат и промените во монетарната политика на Европската централна банка“, ја појасни одлуката банката.
Народната банка уште од крајот на минатата година отпочна со постепено нормализирање на монетарната политика, заради одржување на среднорочната ценовна стабилност. Ова беше направено преку соодветно управување со ликвидноста, како и со постепено зголемување на основната каматна стапка.
– Ваквата монетарна поставеност беше поддржана и со дополнителни мерки, односно со промени кај инструментот задолжителна резерва насочени кон намалување на евроизацијата, како и со системски мерки, односно со воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5%, со што дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем. Се очекува дека со зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва коишто се поповолни во однос на домашната валута, и понатаму ќе се делува врз каматната политика на банките и ќе се стимулира штедењето во денари – велат од НБ.
Најновите податоци покажуваат годишна стапка на инфлација од 18,7% во септември, или просечна годишна инфлација во периодот јануари – септември 2022 година од 12,4%.
– Домашната инфлација и понатаму во најголем дел е определена од надворешни фактори, односно од порастот на увозните цени на храната и енергентите, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија. Од тие причини, околу 80% од годишната стапка на инфлацијата во септември, односно 75% од инфлацијата во првите девет месеци од годината, се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Со оглед на подолготрајните притисоци од овие цени под влијание на непредвидливи надворешни фактори и нивните преносни ефекти врз цените и на останатите производи и услуги, се подгреваат и инфлациските очекувања на економските субјекти – велат од НБ.
Од банката овенуваат дека е потребно водење претпазливи домашни политики заради внимателно управување со побарувачката.
– Иако кај цените на храната веќе се видливи поизразени надолни приспособувања на светските берзи, сепак нагорните притисоци од цените на електричната енергија го отежнуваат, односно го забавуваат пренесувањето на овие трендови кај цените на храната на домашниот пазар. Покрај тоа, на ова делува и неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите, којашто е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија – велат оттаму.
Народната банка информира дека домашниот девизен пазар и натаму е стабилен, а од јули наваму, девизните резерви бележат постојан раст, којшто заклучно со септември е над проектираниот. Девизните резерви се во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди.
Во однос на активноста во домашната економија, во вториот квартал од 2022 година беше остварен реален раст на бруто домашниот производ од 2,8% на годишна основа, колку што изнесуваше и очекуваната стапка на раст според последните проекции на Народната банка.
Збирно, за првото полугодие остварувањата се малку подобри од проекциите на Народната банка.
– Сепак, расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал упатуваат на забавување на реалниот економски раст, што заедно со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и сè поголемата енергетска криза, ги нагласуваат надолните ризици за растот во следниот период – оценува НБ.