НОВ ОБИД ЗА РУШЕЊЕ НА ФОН ДЕР ЛАЈЕН Европската комисија пред гласање за недоверба во октомври
Фон дер Лајен под нов удар: критики за миграцијата, климата и тајните договори, но шансите за смена се минимални
Европската комисија на Урсула фон дер Лајен повторно ќе се најде под силен притисок, откако Европскиот парламент за почетокот на октомври закажа ново гласање за недоверба. Седницата ќе се одржи во периодот од 6 до 9 октомври, потврди претседателката на Парламентот, Роберта Мецола.
Предлогот за недоверба беше поднесен од десничарската група „Патриоти за Европа“ и парламентарната група Левица, а критиките се главно насочени директно кон фон дер Лајен. Иако гласањето може да ја зафати само целата Европска комисија, иницијаторите ја обвинуваат претседателката за промашена политика во областа на климатските промени и миграцијата, за недостаток на транспарентност и цензура, како и за спорните трговски договори.
„Европа денес е послаба од кога било, бидејќи претседателот на Комисијата постојано не успева да се справи со најитните предизвици“, стои во предлогот до кој имаше увид „Политико“.
Германскиот пратеник Мартин Ширдеван, лидер на групата на левицата во Европскиот парламент, остро ја нападна Комисијата: „Фон дер Лајен склучи катастрофален царински договор со Трамп, кој е напад врз европската индустрија и ќе уништи илјадници работни места“. Тој ја обвини и за долгото молчење на Брисел во врска со хуманитарната катастрофа во Појасот Газа.
Сепак, и покрај жестоките критики, шансите за успешна недоверба се мали. За предлогот да помине, потребно е двотретинско мнозинство – односно најмалку 361 пратеник, а ако сите 720 членови гласаат, дури 480. На минатите избори во ноември, Комисијата на фон дер Лајен доби 370 од 688 дадени гласови, доволно за да обезбеди стабилна поддршка.
Ова не е првпат нејзината работа да биде доведена во прашање. Во јули годинава, таа се соочи со сличен предлог поради наводниот недостаток на транспарентност при набавките на вакцини за време на пандемијата и заради откажаната преписка со шефот на „Фајзер“.
Историјата покажува дека обидите за рушење на Европската комисија се ретки и речиси секогаш неуспешни. Во 2014 година, евроскептиците се обидоа да ја симнат Комисијата на Жан-Клод Јункер, но пропаднаа. Единствениот пат кога Европската комисија навистина падна беше во 1999 година, кога Жак Сантер и неговиот тим поднесоа оставка поради скандали со корупција, лошо управување и непотизам.