НОВ НАУЧЕН ИЗВЕШТАЈ Нема потреба од трета доза, вакцините се доволно ефикасни
Во извештајот објавен во „Лансет“ се заклучува дека сегашните варијанти на коронавирусот не се развиле доволно за да го избегнат имунолошкиот одговор што го создаваат постојните вакцини.
Во студијата објавена во медицинското списание „Лансет“ се вели дека вакцините се доволно ефективни за да спречат сериозно разболување од ковид-19 и моментално нема потреба да се дава трета доза на пошироката популација.
Поради позаразната верзија на коронавирусот (делта сојот), некои држави веќе почнаа да ја даваат третата доза како превентивна мерка и загриженоста, но Светската здравствена организација повика да се воведе мораториум на тоа, сметајќи дека така ќе се наруши доставата на вакцини во сиромашните земји, каде што милиони луѓе сè уште ја немаат примено ни првата доза.
Новиот извештај на научниците заклучува дека и покрај заканата од делта сојот, дополнителното вакцинирање на општата популација не е соодветно во оваа фаза од пандемијата. Тие велат дека вакцините остануваат високо ефективни против сериозните симптоми на ковид-19, што се однесува на сите главни варијанти на вирусот, иако тие имаат помал успех во спречувањето на асимптоматските случаи на зараза.
– Кога сè ќе се земе предвид, моментално достапните студии не даваат веродостојни докази за значително намалување на заштитата од сериозно разболување, што е примарна цел на вакцинирањето – изјави водечката авторка на извештајот, Ана-Марија Хенао-Рестрепо од СЗО.
Таа додаде дека приоритет треба да бидат луѓето кои сè уште чекаат да бидат вакцинирани со првата доза.
Франција почна да ја дава третата доза на стари лица и на оние со нарушен имунитет, додека Израел отиде уште подалеку и ја нуди на сите над 12 години.
Во извештајот објавен во „Лансет“ се заклучува дека сегашните варијанти на коронавирусот не се развиле доволно за да го избегнат имунолошкиот одговор што го создаваат постојните вакцини.