НОВ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР И НОВ КОНЦЕПТ ЗА ЗДРАВСТВОТО Ќе ги укинеме економските директори и ќе ја прошириме позитивната листа, вели Митева од ВМРО-ДПМНЕ
Приоритет на идната влада ќе биде редовното ажурирање на позитивната листа на лекови, односно нејзино проширување со нови лекови кои ќе го подобрат здравјето на граѓаните – рече Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ има визија, но и мисија да го стави здравството високо на приоритетите на својата идна влада. Градиме нов концепт за здравството. Платформата за здравствената иднина предвидува комплетна трансформација – рече денеска на прес конференција Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
– Седум години власт на СДСМ и ДУИ резултираше со уништен здравствен систем, незадоволни лекари и граѓани кои ја изгубија довербата во најхуманиот ресор. Затоа на здравствениот систем во Македонија му е потребен комплетен рестарт – рече Митева.
Таа соопшти дека приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде изградба на нов Клинички центар во Скопје и Штип.
– Тоа подразбира и укинување на економските директори на клиниките. Ова двојство кое е базирано преку врзани потписи на медицинскиот и економскиот директор е една конфузија која не дава резултати, туку е само коалициски договор.
Понатаму, ќе промовираме национална стратегија која ќе предвидува нов начин на водење на кадровска политика, преку современа и континуирана медицинска едукација, но и современа инфраструктура. Така ќе имаме задоволен медицински кадар кој нема да заминува од Македонија, а со тоа граѓаните ќе добиваат соодветни медицински услуги дома.
Регионализацијата на здравствениот систем претставува предуслов за добивање на квалитетни здравствени услуги, затоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на стратегија за регионализација на болниците. Штипскиот клинички центар ќе биде една од тие регионални болници – рече Митева.
Таа додаде дека приоритет на идната влада ќе биде и редовното ажурирање на позитивната листа на лекови, односно проширување со нови лекови кои ќе го подобрат здравјето на граѓаните.
На прашање дали за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив предлог-законот за рестриктивни мерки, кој беше повлечен од Собранието, Митева одговори:
– Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДСМ и ДУИ. Што и објаснија од ДУИ на стратешките партнери за законот за црните листи? Дали можеби се смета дека ова не е европски закон? Зашто лажната европска коалиција на ДУИ и СДСМ се плаши? Тие треба да одговорат на овие прашања – рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.