Нов финансиски пакет од ЕИБ за рестарт на економијата

236

Европската инвестициска банка, според најавите од премиерот Зоран Заев, подготвува пакет за финансиска поддршка во пост-ковид периодот за рестарт на економијата и враќање на развојот од пред кризата. Од ЕИБ за во текот на годинава се најавени нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија.

– Европската инвестициска банка е подготвена да ја прошири својата успешна соработка со нашата Влада и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на македонската економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен и поодржлив економски модел – информираа од Владата по вчерашната средба на Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими во Луксембург со претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер и со потпретседателката на оваа банка Лилјана Павлова.






На средбата е потенцирана поддршката за спроведување на двата клучни проекта во државава за кои  се аплицираше на последниот повик за инвестициски грантови во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан: Пречистителната станица во Скопје и третата фаза од железничкото поврзување по Коридорот 8, источното крило кон Бугарија.

– На претседателот Хојер му ја пренесов нашата заинтересираност за подобра соработка во спроведување на нашата инвестициска агенда презентирана преку Единствената листа на проекти, за што го поканивме ЕИБ да отвори свое претставништво во Северна Македонија, изјави Заев, посочувајќи дека добиле охрабрување од врвот на банката за плановите во пост-ковид периодот и за рестарт на економијата и враќање на развојните трендови кои, потенцирам Европската инвестициска банка ги препозна и ќе ги поддржи и во иднина.

Хојер, од своја страна истакна дека приоритет на банката е да ја поддржи Северна Македонија што побрзо да се опорави од пандемијата ковид-19 и да напредува на патот за пристапување во ЕУ.

– Подготвени сме да ја поддржиме транзицијата на земјата кон позелена, поинклузивна и поодржлива економија со финансирање и технички совети. Премиерот Заев и јас споделуваме европска визија и посветеност кон економски силен регион на Северна Македонија и Западен Балкан и сакаме да видиме поголеми придобивки за Северна Македонија од Економскиот инвестициски план на Европската Комисија – изјави Хојер.

ЕИБ досега инвестираше близу 970 милиони евра во 29 проекти во Македонија, поддржувајќи клучни сектори на економијата – инфраструктурата, енергијата, транспортот и малите и средните претпријатија.

 

Поврзани содржини