НОВ БРУТАЛЕН НАПАД НА ПРОПАГАНДИСТИТЕ НА СДСМ ВРЗ ДЕНКО МАЛЕСКИ Вознемирени и згрозени од објективните анализи на професорот за војната во Украина и за шансите за мир
Во две колумни на порталот Либертас, консеквентно на својата анализа на причините на конфликтот, на мировните иницијативи, на неговата динамика и на актуелната ситуација, професорот Денко Малески заклучува: „Силата која ќе го напише вистинскиот мировен план е Русија“. Во кампот на пропагандистите на Бихаќка, во кој сега бајракот од поразениот Бранко Тричковски го зема и високо го крева Благојче Атанасоски, владее вонредна ситуација – додека нема нови директиви, важат старите.
Откако кон крајот на септември пропагандата на СДСМ, од перото на Бранко Тричковски, се обиде грубо да го дисциплинира професорот Денко Малески, поради неговите колумни на порталот Либертас за војната меѓу Русија и Украина, деновите повторно се огласија пропагандистите на Бихаќка, со нов, брутален напад врз професорот.
На сите што го познаваат професорот Малески им беше јасно дека обидот на Тричковски да му „врзе шлаканица“ на водечкиот македонски теоретичар на реал-политиката нема да заврши работа. Малески е самоуверен ерудит, човек убеден во своите ставови – со кои, ако не ви се допаѓаат, можете евентуално да полемизирате со аргументи, да ги толерирате и да ги игнорирате, но не и да ги хејтате – а згора на тоа, човекот е и во години кога не му приличи да се вознемирува или да го менува својот дискурс под влијание на агресивната пропаганда, па дури кога таа доаѓа и од политичкиот камп за кои многумина сметаат дека е „негов“.
Така, на 25 и 26 ноември, по обзнанувањето на планот на Доналд Трамп за мир во Украина, Малески објави две значајни колумни на порталот Либертас, во кои ја заокружи својата анализа за причините за војната, а ги прокоментира и шансите за мирно решение. После тие колумни, пропагандистите на СДСМ, предводени од Тричковски, се огласија со нови, повој пат брутални напади врз Малески.
Тричковски веќе нема да го чита, Благојче Атанасовски „вознемирен и згрозен“
Со својот препознатлив саркастичен и хејтерски стил, Тричковски на Фејсбук напиша: „Драга Савета, не можам да го читам Денко Малески, дал сум нормален!? Не си!“ Списокот од 70-тина луѓе на кои им се допаднал овој пост ги открива познатите имиња на сдсмовската пропаганда, а некои од тие имиња се лажни и зад нив се кријат добро познати личности поврани со Бихаќка.
Но, најбруталниот напад дојде од еден неочекуван млад човек, кој за себе вели дека учел од професорот Малески. Благојче Атанасоски е колумнист на Слободен печат, но во оваа прилика се огласил на порталот Локално. Напишал „отворено писмо до Денко Малески“. Освен што во насловот Атанасоски не го удостоил својот професор со неговото звање (тоа е знак на елементарна некултура), ударниот пасус на ова писмо покажува на кое ниво колумнистот на Слободен печат и на Локално, „полемизира“ со Малески:
„Запрепастен сум, фрапиран, вознемирен, дури би рекол и згрозен од неколкуте последни колумни на професорот, во кои тој, веќе отворено ‘вината за војната во Украина’ ја префрла на колективниот Запад, најмоќните држави од Европа во прв ред, како и на поранешната американска дипломатија и aдминистрација на претседателот Бајден, а никаде со ниту една реченица, не пишува за ‘улогата’ на рускиот претседател и неговата вина за ‘специјалната воена операција’ во Украина“.
Во своето отворено писмо, Благојче Атанасоски главно ги цитира „аргументите“ со кои Бранко Тричковски се обиде да го „дисциплинира“ Малески. Колумната на Атанасовски можете да ја прочитате на наведениот линк. За читателите на Плусинфо сепак е поважно да дознаат што е тоа со што професорот Малески ги вознемирил Тричковски и Атанасовски, до толку што првиот решил да престане да му ги чита колумните, а вториот дури и се згрозил, па така загрозен решил да му напише „отворено писмо“.
Малески: „Русија победи, а Америка, НАТО и ЕУ изгубија“
На 25 ноември, во колумна на порталот Либертас под наслов „Русија победи, а Америка, НАТО и ЕУ изгубија“, Малески, меѓу другото, пишува: „Во својот мировен план од 28 точки, чија судбина е сè уште неизвесна, Доналд Трамп ги вметна практично сите барања на Русија. Тој, за разлика од европските политичари, знае дека мировните договори се рефлексија на реалноста, а реалноста е дека Русија победи, а Америка, НАТО и ЕУ изгубија. Западниот план да се сруши автократскиот режим на Путин со најсилните економски санкции наметнати врз една држава и најмодерно оружје за украинската армија која се подготвуваше за оваа војна последниве десетина години, не успеа“.
И ова: „Погрешната проценка на Америка и на Европа за моќта оваа огромна земја да го издржи сето тоа, предизвика ужасна трагедија за храбрите Украинци кои изгинаа на бојното поле и за иднината на остатокот од државата. Крстоносната војна на Западот во името на демократијата доживеа дебакл. Зашто, во меѓународната политика не одлучува моралната супериорност на ‘вредностите’ туку силата на оружјето. А кога голема сила бара да се земат предвид нејзините безбедносни грижи, како што тоа, со години, упорно го бараше Русија, мора да се има слух и да се бара дипломатско решение. Во спротивно, загрозен е мирот во светот, а во нуклеарната ера, загрозен е и опстанокот на човештвото“.
Фаталната одлука на самитот на НАТО во 2008 година беше објава на војна против Русија
Ден подоцна, на 26 ноември, во колумна на порталот Либертас под наслов „Да не се радуваме предвреме: и во југословенските војни фрчеа мировни планови“, професорот Денко Малески прави и една историска ретроспектива на конфликтот меѓу Русија и Украина од 2008 година до денес.
„Денес – пишува професориор – повторно фрчат мировни планови: американски, европски, украински… Политичките претставници на трите учеснички во војната, Америка, Украина и ЕУ, се наоѓаат пред колосален проблем: да ги усогласат своите позиции визави Русија за која три нешта не се предмет на преговори: неутрална Украина надвор од НАТО, де јуре признавање на четирите области плус Крим за дел од Русија, разоружана Украина која нема да претставува закана за Русија. За Русите политиката на Западот е егзистенционална закана, закана за која се ‘оди до крај’.
Фактот дека, од самиот почеток на кризата, Русија не ги менува овие три барања, кажува дека преговори за нив нема да има. Но, Украина и ЕУ ги оспоруваат токму тие точки. Забораваат дека фаталната одлука на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 за идно членство на Украина во алијансата беше, како што изјави и канцеларката Меркел по гласањето, објава на војна на Русија. Забораваат дека денес таа војна е изгубена и дека следи руски диктат на условите а не преговори од типот кои ги замислува Каја Калас. Зашто,времето за вистински преговори со Русија беше, да речеме, април 2022 во Истанбул, кога Зеленски, по наговор на Борис Џонсон, ги напушти преговорите и се определи за војна.
Но, супериорната идеалогија на демократски против автократски држави не помогна во светот на реалната политика. Одлучи ситуацијата на бојното поле и диспропорцијата во моќ меѓу Русија и Украина. Одлучи и стравот од нуклеарен холокауст кај големите сили…“
Не им е крив само професорот Малески, целиот свет сега не им чини
Консеквентно на својата анализа на причините на конфликтот, на мировните иницијативи, на неговата динамика и на актуелната ситуација, професорот Малески заклучува: „Силата која ќе го напише вистинскиот мировен план е Русија“.
Разбирливо е зошто овој дикурс толку многу ги вознемирило првите пера на сдсмовската пропаганда, кои вложија исто толку љубов, умеење и знаење колку што и во нив вложи пропагандата на Западот, за да опрвадаат една неодржлива ситуација на бескрајно продолжување на војната во Украина до нејзиниот конечен пораз. Денес свропските бирократи и еден дел европските лидерни повторно го притискаат Зеленски да одбие било какво мировно решение кое нема да го наметнат ЕУ и НАТО, знаејќи дека тој притисок води кон нови борби на фронтовите и нови жртви, после што позицијата на Украина ќе биде уште полоша.
Но, она што вистински ги разочарува сдсмовските пропагандисти е фактот што во светот, па и во Европа, веќе доминира расположението за мир и за окончување на војната. Тоа ќе создаде свет што нашите фанатици на лажниот „прогресивизам“ не го разбираат и не сакаат да го прифатат. Во еден од своите последни постови Тричковски тоа отворени го признава. Па вели: „Македонија и остатокот на светот тргнаа во спротивна насока од таа за која јас се залагав. Штета за светот и за Нордот. Хахаха! Мака ми е, но не поради тоа што мојата опција загуби, туку затоа што знам дека победничката ќе заврши во катастрофа за цивилизацијата и за човечкиот род…“
Но, како што тоа обично бива, до најистакнатите пропагандисти на СДСМ – најфрапираните, навознемирените и најзгрозените – новите директиви стасуваат побавно и потоа потешко се варат во нивните воспалени глави. Кога нивната опција губи, тие гледаат победа. Во мирот тие гледаат „катастрофа на човечкиот род“. Во своето водење медиумска војна за „визијата“ која се темелела на „модерноста“, ама преку труповите на милиони Украинци и Руси, тие гледаат некаков морален дискурс.
Како и да е, како и претходниот напад (види линк под текстов), така и најновиот брутален напад врз професорот Денко Малески ќе заврши со неуспех и со бедна капитулација на напаѓачите. Тие, едноставно, не се известени дека штабот на нивната пропаганда е затворен и дека следуваат нови директиви.