НОТАРСКАТА ПРОФЕСИЈА Е ВО РИЗИК ПОРАДИ НИСКИТЕ ТАРИФИ Комората бара да се зголемат дел од нотарските награди

Ќе бараме законски измени за да се надминат проблемите и сме во корелација со Владата и со Министерството за правда. Целта е да го најдеме тоа решение и да биде на обострано задоволство и за граѓаните и за нас, да не се оптовари буџетот на граѓаните и да се задржи нотарската професија, вели претседателот на Нотарската комора, Методија Ристоски.

793

Нотарската комора бара да се зголемат дел од нотарските тарифи, конкретно, најниските тарифи, кои, како што истакнуваат нотарите, не се зголемени повеќе од 25 години, за разлика од трошоците во нивната дејност, кои постојано растат.

– Неминовно е да има измени во дел од нотарските тарифи од причина што се зголемени трошоците. Ќе бараме законски измени за да се надминат проблемите и сме во корелација со Владата и со Министерството за правда. Целта е да го најдеме тоа решение и да биде на обострано задоволство и за граѓаните и за нас, да не се оптовари буџетот на граѓаните и да се задржи нотарската професија – изјави претседателот на Нотарската комора, Методија Ристоски.






На денешниот брифинг со медиумите, претседателот на стручниот совет при комората Марјан Коцевски рече дека во Македонија има најниска нотарска награда во целиот свет.

– Нотаријатот почна да работи во 1998 година, а претходно заверките на документите се вршеа во судовите и цената беше 100 денари од страница. Заверка на документ од 10 страници чинеше 1.000 денари. И првата нотарска тарифа беше таква, за заверка 100 денари од страница. На барање на Нотарската комора тарифата се намали, затоа што сфаќавме дека тоа е преголем товар за граѓаните во тој период, и тоа, цената се намали на 100 денари за заверка на договор, колку и да има страници, па и за 100.000 страници. И сега наградата за нотарот за заверка на фотокопија од докуемент е 100 денари, без разлика на колку страници е. Но, државата за себе не направи така. Таа си задржа за себе такса од 25 денари за секоја страница. Па, ние наплатуваме 100 денари за нотарот и по 25 денари такса за државата за секоја страница – рече Коцевски.

Тој додаде дека 17 години подоцна, таа цена е неодржлива.

– На пример, во Куманово во 1998 година можевте да купите стан од 70 квадрати за 30.000 марки, односно 15.000 евра, сега можете да ја купите истата квадратура за 120.000 евра, а цената на на заверката остана иста. Не е само тоа. На пример, наградите за солемнизација на нотарските акти за пренос на недвижен имот во 1998 година чинеа 400 марки за стан од 50 квадрати, а сега наградата е 4.600 денари – рече Коцевски.

Тој потенцираше дека во изгласаната, па укината измена на нотарските тарифи немало огромни скокови на цените, како што беше претставувано.

– Имаше скокови во наградата за заверки и некои основни работи. На пример, не може да се изготви нотарски платен налог, да се прими решението, да се достави решението до странката, да се примат доставниците, да се стави печат за правосилност, да се даде на доверител, сè за 50 денари. И на крај, тоа да се чува во архивата на нотарот 3 години, со постапка за чување и на крај и постапка за уништување на документи. Ние одевме на зголемување на таквите минимални тарифи, да не може да бидат пониски од 500 денари. Кога ги презедовме оставинските постапки од судовие, судот наплаќаше по 12.400 денари тарифа. Во меѓувреме, нотарската награда за оставинска постапка се намали на 9.600 денари, а сега заедно со адвокатите учествуваме во таа тарифа и добиваме по 4.800 денари максимум за оставинска постапка. Останатите 4.800 денари ги добиваат адвокатите. Дали е можно за сума од 4.800 денари да се спроведе една обемна постапка за оставина, со оглед дека има и комплицирани оставински постапки? Има случаи со обемни имоти, со несогласувања меѓу странките, има големи процедури и сето тоа за сума која не може да ги издржи трошоците на постапката. Ние бараме тие ниски тарифи да се зголемат – рече Коцевски.

Од Нотарската комора потенцираат дека во Македонија денес има 207 нотари и дека низ годините во континуитет се зголемува нивниот број. Потенцираат дека според Законот за нотаријатот треба да има најмалку еден нотар на 20.000 жители, но тој број е поголем. На пример, во Куманово, како град со 70.000 жители треба да има 4 нотари, а има 14. Во Скопје, кое брои 616.000 жители има 66 нотари, двојно повеќе од законски предвидениот број.

„Со години наназад во континуитет на сите институции им се зголемуваат тарифниците, само норатската тарифа се намалува. Од сите институции со кои се поврзан нотаријатот, текот на парите, надоместокот, поминува преку нотасрската сметка. Со ваквиот начин на користење на услугите се создава нереална слика кај народот за приходите на нотарите – тоа не се приходи на нотарите, а сепак се прикажуваат како бруто приход во завршните сметки. Јавноста има перцепција дека нотарите заработуваат многу. Но, фактите го покажуваат спротивното – нотарските награди не само што се регулирани со законн, туку се и значително пониски од оние на останатите правни чинители. Нотарите немаат слобода на договарање, нивната награда е фиксна, строго уредена со нотарска тарифа што ја носи Министерството за правда“, соопшти Нотарската комора.

Претседателот на комората Ристовски рече дека за секоја постапка клиентот плаќа на нотарот, а нотарот потоа од тие пари им плаќа на институциите кои се дел од постапката, како Катастар, Службен весник, МВР, Заложен регистар итн.

Комората апелира до надлежните институции да се пристапи кон ревизија на нотарската тарифа и да се овозможи фер третман на нотарите, во согласност со економската реалност и со општествената улога што ја имаат во правниот систем.

Како пример за најниските цени нотарите истакнаа дека заверка на потпис во Македонија чини 1.63 евра, во Србија 2.56 евра, во Хрватска 7 евра, во Албанија 18,8 евра, а во Бугарија 5,12 евра.

Нотарската комора посочи и примери за постапка за издавање решение за нотарски платен налог. За побарување од 158.413 денари нотарот зема 3.268 денари, а адвокатот 5.369, за комуналну услуги во вредност од 3.000 денари нотарот зема 300 денари, адвокатот 1.300 денари, а извршителот 250 денари плус 45 евра. За солемнизација на приватна исправа во вредност од 500.000 денари нотарот зема 2.000 денари, а адвокатот 3.900 денари.

Нотарите истакнаа и дека нотарите имаат законски зголемени обврски со законите за спречување перење пари, за Катастар за недвижности и за заштита на личните податоци, а имаат инвестиции и за дигитализацијата, како е-нотарска архива, е-нотарска исправа. Како проблем ги наведоа и зголемените трошоци за електрична енергија, за кирија, канцелариски материјали и за платите на вработените. Имаат трошоци и за постојани едукации и за осигурување од професионална одговорност.

„Нотарската комора ја почитува стратегијата и заложбата на државата во услови на финансиска криза да се олеснува економската состојба на граѓаните за пристапот до професионалните услуги. Но, не треба да се помине границата со која се обезвреднува нотарската дејност и се нарушува функционирањето и статусот на независна и самостојна служба, чија работа е многу важна за правниот промет во државата“, соопшти Нотарската комора.

Поврзани содржини