НОРВЕШКИ ФИЛМОВИ ЗА ДЕЦА НА „МАКЕДОКС“ Викенд посветен на најмладите
Сите проекции во затворената киносала во МСУ се бесплатни и бројот на посетители е ограничен на 30 проценти (до 20 посетители) од капацитетот на салата.
Фестивалот за документарни филмови „МакеДокс“ во Музејот на современа уметност ќе прикаже неколку детски документарни кратки филмови во комбинација со кратки анимирани филмови од Норвешка. Филмовите ќе се прикажуваат од утре до недела и се распределени според возраста на децата.
Во киносалата на Музејот на современа уметност утре ќе се прикажат краткиот документарен филм „А утре ќе дојде рајот“ и веднаш по него анимираниот долгометражен филм „Сцени од животот на една џукела“. Овие филмови се наменети за адолесценти од + 14 години и почнуваат во 18 часот.
Во сабота на 21 август програмата за најмалите во МСУ започнува во 10 часот. На репертоарот е блок од неколку кратки норвешки анимирани филмови за деца до 9 години.
Во 12 часот МСУ и МакеДокс го најавуваат вториот блок на кратки документарни филмови за најмладите.
Во недела на 22 август со почеток во 10 часот, блокот анимирани филмови е наменет за деца од 9 до 14 годишна возраст, а вториот блок документарни кратки филмови продолжува од 12 часот.
Помеѓу блоковите на анимирани и документарни филмови и во сабота и во недела со почеток од 11 часот ќе се одржат креативни работилници на тремот на МСУ под отворено небо предводени од уметниците Јулија Манојловска и Никола Узуновски, а децата и возрасните ќе имаат можност и за прошетка низ актуелните поставки низ музејот.
Сите проекции во затворената киносала во МСУ се бесплатни и бројот на посетители е ограничен на 30 проценти (до 20 посетители) од капацитетот на салата.