НОРВЕШКА И НА ИРВАСИТЕ ИМ ЗАБРАНУВА ДА ОДАТ ВО РУСИЈА Се подигнува нова ограда на границата

Строго е забрането преминување на границата со Русија и за ирваси - се наведува во соопштението на норвешката управа за земјоделство.

287

Норвешките власти соопштија дека ќе ја надградат оградата во близина на границата со Русија на далечниот север за да ги спречат ирвасите да преминуваат на странска територија.

Веќе е подигната ограда која се протега на околу 150 километри долж руско-норвешката граница за да се спречи прекуграничното движење на животните.






Сепак, некои делови толку многу се оштетиле што ирвасите лесно можат да поминат низ оградата, пренесува АП.

„Строго е забрането преминување на границата со Русија и за ирваси“ – се наведува во соопштението на норвешката управа за земјоделство.

Од почетокот на оваа година, голем број норвешки ирваси ја преминаа руската граница во потрага по пасишта во природниот резерват Пасвик во областа Мурманск.

Руските власти побараа отштета од милиони долари од Норвешка, велејќи дека животните јадат мов и грмушки и ја газат вегетацијата на земјата, што, според нив, довело до ерозија на почвата и деградација на растителниот свет.

Норвешката дирекција за земјоделство затоа нареди до 1 октомври да се изгради нова ограда на дел од седум километри, за што се издвоени 345.000 долари.

Ирвасите ги одгледуваат сточари од народот Сами во северна Европа, кои живеат полуномадски и патуваат низ огромни пространства, движејќи се меѓу нивните зимски и летни пасишта.

Во овој арктички регион, Норвешка и Русија делат само еден овластен копнен премин, граничниот премин Сторског-Борис Глеб.

Поврзани содржини