НОРДИСКИТЕ ЗЕМЈИ ЦВРСТО СТОЈАТ ЗАД ДАНСКА И ГРЕНЛАНД „Подготвени сме да ги браниме нашите вредности“
Шведска, нордиските земји, балтичките држави и неколку големи европски земји стојат заедно со нашите дански пријатели – рече шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Скандинавските земји вчера одлучно застанаа во одбрана на Данска, спротивставувајќи им се на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го заземе Гренланд со сила доколку Копенхаген одбие да ја продаде територијата на САД.
На годишната конференција „Народ и одбрана“ во Шведска, премиерот Улф Кристерсон ја осуди „прикриената реторика“ на Трамп и рече: „Шведска, нордиските земји, балтичките држави и неколку големи европски земји стојат заедно со нашите дански пријатели“.
Тој предупреди дека преземањето на Гренланд од страна на САД би било „кршење на меѓународното право и ризикува да ги охрабри другите земји да дејствуваат на потполно ист начин“.
На симпозиумот во Шведска присуствуваше и врховниот командант на сојузничките сили во Европа, генералот на воздухопловните сили на САД Алексус Г. Гринкевич, кој зборуваше за безбедносните закани на Арктикот.
– Русија, Кина, Иран, Северна Кореја и други ја зголемуваат својата соработка бидејќи нивните интереси се насочени против нас. Заедничките патроли на руските и кинеските бродови долж северниот брег на Русија и во близина на Алјаска и Канада, не служат за да се проучуваат фоките и поларни мечки. Тие спроведуваат истражувања, обидувајќи се да разберат како да се спротивстават на капацитетите на НАТО на море и под морето – нагласи Гринкевич.
Сепак, генералот одби да ги коментира „политичките димензии на неодамнешната реторика“, но потврди дека дискусиите за Гренланд се водат во рамките на Северноатлантскиот совет.
– Тие дијалози продолжуваат во Брисел. Тие беа здрави дијалози, колку што слушнав. Не мислам дека во моментов постои непосредна закана за територијата на НАТО – рече Гринкевич.
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадепул, пред средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио на Исланд, ги истакна „стратешките предизвици на Далечниот Север“.
– Безбедноста на Арктикот станува сè поважна и е дел од нашиот заеднички интерес во НАТО. Ако претседателот на САД разгледува какви закани можат да дојдат од руски или кинески бродови или подморници во регионот, секако можеме да најдеме одговори на тоа заедно. Германија е подготвена да преземе поголеми одговорности на Арктикот. САД веќе имаат воени бази во Гренланд, на земјиште изнајмено од локалната самоуправа – рече германскиот министер Вадепул на прес-конференција со неговата исландска колешка Торгердур Катрин Гунарсдотир.
Од друга страна, данската премиерка Мете Фредериксен, која исто така учествуваше на настанот во Исланд, рече дека нејзината земја е во „пресуден момент“ во конфликтот со САД околу Гренланд.
„Подготвени сме да ги браниме нашите вредности каде што е потребно, вклучително и на Арктикот. Веруваме во меѓународното право и во правото на народите на самоопределување – напиша данската премиерка на социјалните мрежи по состаноците.