Nolite te bastardes carborundorum
За жал, очигледен е и фактот дека во моментов не постои (не само) политичка сила ни кај опозицијата за порадикален пресврт. Таа е неспособна за тоа. И еднакво неука, како и власта. Оттука, значи ли тоа дека САД и ЕУ ја оставаат земјава на милост и немилост на нејзините (само)убиствени нагони и садо-мазохистички апетити на АД „Друштво на мртвите политичари“?
Измислената ала латинска фраза Nolite te bastardes carborundorum на нобеловката Маргарет Атвуд во „Приказната за робинката“, кога би била точна, отприлика би требала да значи: не давај им на копилињата да те сомелат. Оние кои го читале делото, или ја гледале тв серијата, знаат што сакала писателката да каже. Ние, секако, сме – за среќа – (сѐ уште) далеку од дистопискиот „Гилеад“. Сѐ уште сме во „меките“ режимски форми, или нефункционални демократии, како нагалено „крстени“ (но сеопфатни) современи автократии.
Но, фразата од насловот не е измислена само за спомнатиот роман и страотниот и некогаш можен апокалиптичен режим. Впрочем, целиот роман е мајсторски склопен мозаик од сегменти од постојни, тоталитарни режими што егзистираат во светот денес. Во многу нешта сите режими се исти, а и ние итекако се препознаваме во некои делови. И вистината е: конзервативните десни партии веќе не чукаат на „демократската“ врата на Европа. Тие се – внатре!
Следствено, уште поголема е обврската на прогресивните слободномислечки сили. Ако ги има, се разбира. Ние – ги немаме. Барем засега. Затоа и ни се случува ова што ни се случува: нѐ мелат. Ние сме „мелени“ безмалу три децении, а последниве деценија и половина и дополнително транширани (сега и во фамозната „француска обработка“!) низ решетата на властите, и едните и другите, и десните и левите, и конзервативните и „прогресивните“.
Кај нас ниту една политичка опција не е невина, уште помалку е „чиста“. Идеолошки, се разбира. Иако нашиве и не знаат што тој збор во самата суштина значи. А и не им е важно – тие се тука да заработуваат. Ја претворија државава во маркет за избрани, за „помазани“, нешто како оние специјални дипломатски продавници во времето на социјализмот, каде имаше луксузни стоки што ги немаше во обичните дуќанчиња. И таму не можеше секој да влезе.
Денес, разликата е во тоа што во маркетот „Северна Македонија“ повластените – не плаќаат. Земаат и носат. А странските дипломати гледаат. И се чудат. Гледаме и ние, (с)мелените. И молчиме!
По втор пат за еден месец, дипломатскиот претставник на најмоќната држава на Западниот свет ни укажува на главниот проблем: „Недостига огромно парче во антикорупциската сложувалка во Северна Македонија. Земјата мора да најде начин да ги разбие заднинските политички мрежи кои овозможуваат цветање на корупцијата. Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи“, вели Ерик Мејер, в.д. амбасадор на САД во земјава.
И продолжува дека државата мора да најде начин да ги скрши политичките мрежи кои што дозволуваат корупцијата да цвета односно дека „Мора да постои вистинска политичка волја да се запре ова“. А македонскиот премиер раскажува приказни во ОН!
И ова не е прв пат американски амбасадор точно да го лоцира „срцето“ на корупцијата и справувањето со неа: државата, олицетворена во власта. Денес оваа, вчера онаа. А македонската власт се прави мутава! И наглува. Ние, вели премиерот, конфликтите ги решаваме мирно. Така е: стоката оди мирно на кланица! Или во мелница.
Но мутави – и глупави, да простите – се прават и САД и ЕУ, глумејќи дека само нивниот збор е доволен локалниве праматари да ја исклучат мелницата и да сопрат со ограбувањето на земјава. Не е, и нема да биде. И уште колку им треба да видат дека очекуваната „вистинска политичка волја да се запре ова“ – не постои. Постои само беспримерно безобразие, невидена алчност, неморал и криминал, простотилак и провинцијализам. И некој мора конечно нешто да преземе! А тие се – првата можна опција.
Инаку, фамозниот ни вицепремиер вели дека „Младите не треба да ги задржуваме, туку да им дадеме крилја“. Малку му се оние 700.000 иселени, тој би сите да нѐ мане од тука и они на мира да ја черечат земјата. Ни треба ли поголема мелница од таа? И зошто, по ѓаволите, никој не говори за ова?
И што мисли тој Битиќи, дали можеби случајно, неодамна, и Н.Е. Анке Холштајн, германска амбасадорка во земјава, ни укажа на неопходноста од „добро образование, можности за обука за младите луѓе и понуди за работа за младите за да може да останат во земјата и сами да си ја создаваат иднината“, за потребата од професионална администрација, за продолжување на реформите…“ итн. Или тоа, во нашава антипросветителска фаза, би било дури контрапродуктивно на зацртаните цели на власта?
Конечно, зошто на дежурниве аналитички политиканти им се поважни Украина и Русија, Бугарија и Србија (која, нели, одвај чека повторно да ја завледее „Јужната бановина“, а онаа првана демек нѐ брани!)… итн., но не и комплетната узурпација на демократијата во државава и криминалот и корупцијата како (веќе) суштинска државна препознатливост, постапната комплетна ретардација на македонската државна политика, аналфабетите на највисоките државни функции и др.? Какво е тоа, ве молам, напредување кон ЕУ со ваква катастрофална состојба во државава и ваков полуписмен политикантски врв?
Македонските власти од ден во ден докажуваат дека не само што се неспособни да се носат со бројните комплексни проблеми во општеството/државата, туку тоа ниту сакаат да го прават. Профитот, криминалот и корупцијата се веќе второто име на земјата и тоа не може да не е очигледно и за дипломатскиот кор. Како и фактот дека граѓанинот овде е манипулативна потрошлива категорија, дури непотребна за ваков „систем“ и употреблива единствено како „храна“ за државните мелници.
Поимот граѓанин кај нас не само што е предалеку од стандардот нарекуван „EU citizenship“, туку тој веќе не е компатибилен ни со балканските културни средини. Таков ли македонски граѓанин е достоен за Европа?
Не гледа ли дипломатскиот кор дека македонскиот граѓанин е задушен во железната партократска прегратка на позицијата и опозицијата, или дека се самозадушува бидејќи нема излез од катастрофичната реалност? Фамозната „критична маса“ за нас е утопија, а македонската пракса докажува дека нам не ни се заканува руска чизма или некаков „московски клуб на самоубијци“. Ние си имаме свој клуб овде, и на убијци и на самоубијци.
За жал, очигледен е и фактот дека во моментов не постои (не само) политичка сила ни кај опозицијата за порадикален пресврт. Таа е неспособна за тоа. И еднакво неука, како и власта. Оттука, значи ли тоа дека САД и ЕУ ја оставаат земјава на милост и немилост на нејзините (само)убиствени нагони и садо-мазохистички апетити на АД „Друштво на мртвите политичари“?
До кога ќе работи мелницата на демократијата, на човековите права, на социјалната држава, на културата, науката, образованието…? И што е оваа претстава со „скрининг процесот“? Вакви ли, голи и боси, понижени и засрамени, смалени и смелени, ѝ требаме на Европската унија?
Извор: Теодосиевски уметност