НОБЕЛОВА ЗА ЛИТЕРАТУРА ЗА АНИ ЕРНО Нејзини книги со децении се лектири во Франција

Нејзините повеќе од 20 книги, од кои повеќе се дел од училишните лектири во Франција со децении, нудат еден од најсуптилните, проникливи погледи во социјалниот живот на модерна Франција.

108

Француската писателка Ани Ерно, позната по своите навидум едноставни новели пишувани врз основа на нејзините лични искуства со класните и половите поделби, ја доби годинешната Нобелова награда за литература.

Француската писателка, 82-годишната Ерно е наградена за „храброста и клиничката острина со која ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“, соопшти жирито.






Во изјава за шведската телевизија веднаш по објавата, Ерно рече дека наградата е „многу голема чест“ и „голема одговорност“.

Нејзините повеќе од 20 книги, од кои повеќе се дел од училишните лектири во Франција со децении, нудат еден од најсуптилните, проникливи погледи во социјалниот живот на модерна Франција.

Кристалната проза на Ерно го отвори нејзиниот премин од девојка од работничка класа до книжевна елита, фрлајќи критички поглед врз општествените структури и нејзините сопствени комплицирани емоции.

„Во нејзините дела, Ерно постојано и од различни агли, го истражува животот одбележан со силни нееднаквости во однос на полот, јазикот и класата. Нејзината работа е бескомпромисна и напишана на обичен прочистен јазик. И кога таа со голема храброст и клиничка острина ја открива агонијата на искуството на класите, опишувајќи срам, понижување, љубомора или неможност да се види кои сте, таа постигна нешто восхитувачко и трајно“, соопшти Шведската академија.

Нобеловата награда се состои од медал и парична сума од 10 милиони шведски круни (околу 900.000 евра).

Ерно е 17-та жена која ја добива престижната награда од вкупно 119 нобелови лауреати од почетокот на доделувањето на наградата во 1901 година.

Во петок ќе биде прогласен добитникот на годинешната Награда за мир.

Поврзани содржини