НОЌ НА УЖАС ВО КИЕВ Три загинати и 10 повредени во руски напад
Градоначалникот Виталиј Кличко потврди дека низ целиот град се слушнале експлозии и дека противвоздушната одбрана активно делува.
Украинскиот главен град под силен оган втора ноќ по ред, додека трае размена на воени заробеници
Најмалку три лица загинаа, а десет се повредени во синоќешниот руски напад врз Киев, информира воената управа на украинскиот главен град. Ова е втора ноќ по ред како Киев е цел на воздушни напади.
– Повеќе од десет непријателски дронови се во воздушниот простор над главниот град. Се приближуваат нови. Непријателот најверојатно ќе користи голем број дронови и ракети лансирани од стратешки авиони – изјави утринава началникот на воената управа на Киев, Тимур Ткаченко.
Градоначалникот Виталиј Кличко потврди дека низ целиот град се слушнале експлозии и дека противвоздушната одбрана активно делува.
– Главниот град е нападнат од непријателски беспилотни летала – истакна Кличко.
Нападот следи само еден ден по размената на воени заробеници помеѓу Украина и Русија. Во рамки на вчерашната размена, 307 руски заробеници беа разменети за ист број украински војници. Последната фаза од размената е планирана за денеска, при што се очекува размена на вкупно 1.000 лица.