НИЗ ЕВРОПА СО ВЕЛОСИПЕД Французите Мариен и Мишел во посета на Македонија

Кога времето е лошо или кога мислиме дека е загрозена нашата безбедност, едноставно ги прашуваме луѓето дали може да преспиеме кај нив, поточно да го поставиме шаторот во нивните дворови, доколку не најдеме некаква опција, тогаш одиме во хостели – објаснува Мариен.

1,210

Луѓето многу често сакаат да патуваат до одредени локации, посетувајќи различни земји и знаменитости, притоа користејќи авион, автомобил, автобус или воз, но за некои овие превозни средства им се здодевни, па поради тоа поголемите зависници од авантура го користат велосипедот.

Такви се Французите Мариен и Мишел кои случајно ги сретнавме во центарот на Скопје, а кои од пред два дена се во нашата земја и за Плусинфо споделија дел од нивното патување.






– Во март оваа година го започнавме нашето патување кога заминавме за Британија, а од таму се вративме во Рен и нашето патување траеше 5 месеци. Ние имаме во план во Франција да отвориме колективна фарма, па поради тоа сакавме да посетиме што е можно повеќе колективни фарми, каде што работевме по 2 до 3 недели во различни колективни фарми. Имавме цел да дознаеме како тие се организираат меѓу себе, како владите им помагаат, како ги споделуваат парите, активностите и слично. Успеавме во нашата идеја и цело време бевме со нашите велосипеди – ни објасни Мариен.

Потоа тие одлучиле да започнат ново патување, повторно со нивните велосипеди, но овој пат да ја истражат Европа и да посетат што е можно повеќе земји, притоа запознавајќи различни народи и култури.

– Во средината на август ја напуштивме Франција и го започнавме нашето патување низ Европа. Прва земја која ја посетивме беше Германија, потоа следеше Австрија, бевме кратко во Словенија. Оттаму продолживме за Хрватска, па во Босна, Србија и еве сме сега во Македонија. Оттука ќе продолжиме низ вашата земја па се до Грција, а очекуваме да го завршиме нашето патување во средината на ноември, пред почетокот на зимата – вели Мишел.

Тие ни открија дека за време на патувањето најчесто преспиваат кампувајќи, затоа што така не трошат многу пари за ноќевања.

– Ние купуваме многу храна затоа што сакаме да готвиме, но кога времето е многу лошо или кога мислиме дека е загрозена нашата безбедност, едноставно ги прашуваме луѓето дали може да преспиеме кај нив, поточно да го поставиме шаторот во нивните дворови, доколку не најдеме некаква опција, тогаш одиме во хостели – објаснува Мариен.

Патувањето го финансираат самите, но потенцираат дека не им се потребни многу пари, затоа што купуваат се во принцип работи од „втора рака“ и не се премногу скапи. Како што ни кажаа, најмногу пари трошат за купување на храна или доколку треба да купат некои делови за да ги поправат велосипедите.

Тие за своето патување се обидуваат да најдат алтернативни и помали патишта, затоа што сакаат да го избегнат патувањето по автопатиштата, а со тоа и метежот.

– Во принцип ја користиме апликацијата ЕУРОВЕЛО кои имаат неколку рути низ Европа. Во претходните земји кои ги поминавме го прашувавме локалното население, затоа што кога не е лошо времето можеме да возиме офроуд – рече Мариен.

Ги запрашавме кои се нивните импресии од Македонија, иако се многу кратко време тука, многу им се допаѓа нашата земја.

– Немавме многу време да ја запознаеме Македонија, затоа што пристигнавме пред два дена, преку граница со Србија. Дојдовме прво во Скопје, но веднаш заминавме за кањонот Матка. Навистина преубаво место, веславме со кајак и таму кампувавме. Луѓето тука се многу љубезни и се надеваме дека на нашето патување низ Грција, ќе запознаеме и уште повеќе луѓе и ќе видиме многу други убавини од вашата земја – ни кажа Мишел.

На крајот на нашиот разговор пријателски се разделивме со овие двајца Французи, им посакавме мирно и безбедно патување и да успеат да ја остварат својата цел, на што Мариен иако со мали тешкотии на македонски ни одговори „Фала ви многу“.

Поврзани содржини