Ниту во ЕУ нема заеднички буквари!

Владата мора веднаш да го преиспита и блокира потегот на Шаќири. Во прашање е отворено игнорирање на уставниот поредок на земјата и потребно е преземање соодветни мерки против самоволието на министерот.

1,080

Федерализацијата на Македонија интензивно продолжува. Просто е неверојатно што еден политички погубен потег ни поминува речиси незабележано, со неколку кратки вести. Само на прв поглед проблемот изгледа небитен, бидејќи се работи за крајно опасно подметнување.

Во порталите имаше неколку куси информации на таа тема, а „Вечер“, на 30 септември, објави изјава на министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, најдена на социјалните мрежи: „Посебно задоволство ми е да ја споделам со вас информацијата за давање согласност за употреба на Буквар за ученици од прво одделение на албански наставен јазик во учебната 2022-2023 година. Министерството за образование и наука даде согласност за користење на материјалот составен од авторите…, кој е посветен на првачињата запишани во училиштата каде што наставен јазик е албански“.






На неговата објава, тој е на слика заедно со првиот заменик премиер, Артан Груби, што воопшто не е случајно. На прв поглед, се чини дека нема ништо спорно, нели? Да, така изгледа ама само ако не се знае дека е тоа буквар подготвен во Албанија, иако министерот тоа не го спомнува! Намерно, се разбира. За да ја залаже јавноста, ги спомнува само авторите, коишто се од Албанија, веројатно и од Косово, а премолчената вистина е секогаш најголема измама.

Според „Вечер“, букварот е резултат на соработка меѓу Албанија и Косово и кај нив веќе се користел од оваа учебна година. Прво, ова покажува дека Македонија не била вклучена во подготовката. Второ и поважно, тоа и не треба да изненадува бидејќи се општо познати намерите на Косово и Албанија за обединување. Прашање е само на време, кога ќе се создадат потребните услови за тоа. Не дали.

Се пренесува и дека премиерот на Албанија, Еди Рама, рекол: „Наша обврска е да го заштитиме и зачуваме албанскиот јазик“. За разлика од нашите будалштини, оваа албанска политика е дијаметрално спротивна на македонската. На Тирана мора да ѝ се симне капа, како признание за тоа што го прават во интерес на албанската нација и својот јазик. Сепак, овде нема пошироко да се осврнеме на нашиот однос кон македонскиот јазик и на понижувачкиот начин на којшто комуницираме со Бугарија, која отворено и гласно ни го негира, и тврди дека не постои. Или, на официјалната изјава која ја даде нашата влада, дека јазикот македонски е кодифициран во 1945 година, како главен доказ (свесен или не, што воопшто не е важно) дека до тогаш сме зборувале бугарски јазик или, барем, дијалект.

Според Дојче веле, од 22/11/2012, Тирана уште пред 10 години се обидела да го протне албанскиот буквар во македонските училишта, ама без успех. Тогаш, социологот Илија Ацески оценил дека тоа е предизвик – „Дали Македонија… ќе се помири со тоа дека една етничка заедница… ќе продолжи да го продлабочува етничкиот јаз?“ И продолжил – „Букварот во Македонија… мора да има една суштина, јадро, кое е заедничко за сите“. Додал дека, со букварот – „се одвојува, специфицира сопствената припадност како нешто различно, како нешто што припаѓа на друга држава…“, и заклучил – „Ова длабоко навлегува во политичката сфера, со дилемата – што понатаму?“ Во веста се наведува и дека во букварот биле знамињата на Албанија и Косово, ама не и на Македонија! Најверојатно и сега е така?

Истото прашање, Дојче веле го третирало и речиси две години порано, на 26/03/2011 година. Веста била дека Тирана формирала комисии за унифицирање на учебниците за албанските ученици во сите земји од регионот, каде ги има, коишто – „треба да имаат единствени наставни содржини од областа на историјата, географијата, или културното наследство“. Ќе се стартувало со заеднички буквар.

Горното покажува дека Рама нема поголема заслуга за проектот, освен самата реализација. Идејата е уште постара и е дел од големоалбанскиот проект, замислен со „Платформата за решавање на албанското национално прашање“, подготвена од Албанската академија на науките, во 1998 година, на барање на тогашниот претседател на Албанија, Реџеп Мејдани. Во периодот кога службував во Тирана (1998 – 2002), беше актуелно и подготвувањето на ваков заеднички буквар за сите албански првоодделенци, во која било земја да учат. Пред повеќе од 20 години, Тирана веќе интензивно работеше на обединување на сите Албанци во регионот. Ако тоа не е Голема Албанија, не е јасно што е. Токму затоа, објаснувањето на Рама дека е тоа заради заштита на албанскиот јазик, е приказна за мали деца. За време на службувањето, бидејќи јавно се зборуваше дека се подготвува буквар кој би се користел и во Македонија, барав средба во Министерството за образование и протестирав дека подготвуваат нешто за нас а без наша согласност или било каква официјална соработка.

Фалбата, пак, на Јетон Шаќири, дека дал согласност за користење на албански учебник во нашите училишта, покажува дека во нашево село навистина нема кучиња и секој прави што сака. Одлука за таков потег, особено во нашиве и пошироки балкански услови, ама и никаде во светот, не може по никоја основа да донесе некој министер. Прашање е дури дали и Владата може да даде таква дозвола, или треба и Собранието да се вклучи. Во прашање е суверенитетот на државата бидејќи образованието е еден од неговите столбови. Не случајно, ниту во Европската Унија нема воведено заеднички учебници.

Образованието останува недопирлива точка на сувереноста на секоја држава и, сосема со право, сите сакаат сами да го организираат тој процес. Во него е вклучен начинот на воспитување на децата, нивниот однос кон сопствената држава, чувството на заедништво и солидарност и многу други клучни работи. Сето тоа е исклучително значајно за секоја земја. Впрочем, според Дојче веле, букварот бил промовиран во Призрен, на 17/5/2012 година, во присуство на премиерите Сали Бериша и Хашим Тачи и претседателката на Косово Артифете Јахјага. Сепак, тоа не било доволно дури и за нив: Албанија и Косово дури по девет години, на 26/11/2021 година, се договориле за користење на заедничкиот буквар.

Бидејќи албанизацијата на Македонија упорно продолжува, слободно можеме да очекуваме дека користењето на албански учебници ќе продолжи да се шири. Како што најави Дојче веле, ова со букварите е само нов исчекор во таа насока. За Македонија, пак, тоа значи дека федерализацијата на земјата интензивно продолжува. Првиот и клучен потег беше со наметнатиот од надвор Охридски рамковен договор (2001), со којшто државата беше целосно уставно редефинирана, во голема мерка губејќи го својот македонски карактер. Втор исчекор беше административната поделба на држава, во 2004, со којашто се албанизираа делови од земјата и добар нејзин дел стана двојазичен.

Третиот удар, иако без речиси никаков публицитет, се случи во 2011 година, кога на припадниците на албанското малцинство им се дозволи на својот јазик да зборуваат во име на државата. Тоа немаше никаква врска со човековите права, ниту со ОРД, беше против уставно, и беше само ново редефинирање на државата, на сметка на македонскиот народ и јазик. Следуваше законот за албанскиот јазик, со којшто Македонија практично се федерализираше. Откако државата стана јазична федерација, целосното формализирање на тој статус е само прашање на техника и време. Најновото користење на учебници од Албанија е само нов дострел на овие погубни политики и потези коишто крајно неодговорно ги преземаат македонските политичари. Или ним не им е јасно што се случува, што е тешко да се верува, или пак следат туѓи интереси, што е очигледно.

Владата мора веднаш да го преиспита и блокира потегот на Шаќири. Во прашање е отворено игнорирање на уставниот поредок на земјата и потребно е преземање соодветни мерки против самоволието на министерот.

Поврзани содржини