НИТУ ВЛАДАТА, НИТУ СТРАТЕШКИТЕ ПАРТНЕРИ ЌЕ ДОЗВОЛАТ ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА Спокојно да ја дочекаме седницата на Уставниот суд за Законот за јазиците
Не постои опасност по безбедноста, ниту некогаш сме дозволиле да постои, сме предупредувале дека има обиди да се наруши безбедноста и ова е еден од тие обиди, но ние како држава и Влада ќе сториме сè за да гарантираме безбедност, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Не постои опасност по безбедноста на државата и ние како Влада тоа нема да го дозволиме, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, прашан за коментар по заканите од ДУИ дека ако Уставниот суд укине кој било член од Законот за употреба на јазиците тоа ќе биде точка од која нема враќање, директен удар врз мирот и стабилноста.
– Не постои опасност по безбедноста, ниту некогаш сме дозволиле да постои. Сме предупредувале дека има обиди да се наруши безбедноста и ова е еден од тие обиди. Има некои места каде што се состануваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Ние како држава и Влада ќе сториме сè за да гарантираме безбедност, посебно сега, во услови кога сите индикатори, економски параметри, ниво на странски инвестиции, зголемени плати, реформи, раст на БДП,… одат во позитивна насока. Ние сме свесни дека тие елементи сакаат да нè влечат назад во политичкото мочуриште и во минатото, но граѓаните да бидат сигурни дека многу анализираме и работиме со нашите стратешки партнери. Ниту тие ние, ниту Владата ќе дозволи да има какви било безбедносни проблеми – рече Мицкоски.
Тој рече дека во Уставниот суд се судии избрани од страна на мнозинството на СДСМ и ДУИ, кои сега токму ДУИ ги напаѓа.
– Да ја почекаме седницата, да видиме како ќе се развива и ќе еволуира – рече премиерот Мицкоски.
Уставниот суд на седницата на 11 декември ќе одлучува за уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците.