НИШТО ОД ЛУКСУЗ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ Стефковски повторно се откажува од репрезентација и службен автомобил
Градоначалникот најавува дека четири години ќе работи без службено возило и репрезентација, а средствата ќе се насочат кон проекти за граѓаните.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, и во својот втор мандат се откажува од користење службено возило и од средствата за репрезентација, со образложение дека парите од буџетот мора да се трошат домаќински и исклучиво во интерес на граѓаните.
Стефковски најави дека, како и во изминатите четири години, службените обврски ќе ги извршува со своето приватно возило, додека службеното возило ќе му биде оставено на располагање на административниот апарат за поефикасна работа на терен.
Тој порача дека во општинскиот буџет „нема да има место за непродуктивни трошоци“ и дека секој ден од мандатот ќе биде посветен на реализација на проекти што директно ги подобруваат условите за живот во Гази Баба.
– Средствата мора да се користат одговорно и за потребите на граѓаните. Заедно продолжуваме да ја градиме општината по мерка на сите нас – изјави градоначалникот.