НИШТО НЕ Е НЕДОСТИЖНО Глигор Цветанов зборува за иднината на семејните компании

Менаџерот прво треба да се сврти кон себе, да биде сам свој консултант и да се запраша што сѐ може да стори за подобрување кај себе лично, но и во компанијата што ја води, вели Цветанов.

487

Ако треба да издвои три работи кои се најклучни и најпотребни да ги знае еден добар менаџер, Глигор Цветанов, генералниот директор на една од најуспешните македонски компании Макпрогрес од Виница, има интересен одговор. Вo интервју за порталот Фактор тој вели прво треба да се сврти кон себе, да биде сам свој консултант и да се запраша што сѐ може да стори за подобрување кај себе лично, но и во компанијата што ја води. Второ, да гради односи со вработените, купувачите и добавувачите базиран на взаемна доверба и взаемно почитување и трето и најважно да има визија, да посакува и да сонува на големо, бидејќи ништо не е недостижно.

Цветанов е дел од Советот за унапредување на високото образование кој од неодамна е формиран во Стопанската комора на Северна Македонија. Во рамки на Советот се организира и Програмата за клуб на менаџери – претприемништво и лидерство каде и Цветанов е предавач. Обуката започнува на 9 декември, а ќе трае до крајот на мај следната година. Освен Цветанов предавачи се и педесетина други реномирани претставници на бизнис секторот, академската и научната фела.






– Моето предавање ќе биде во насока на споделување на искуства од самите почетоци на развојот на компанијата, бројните предизвици со кои сме се соочиле во сите години наназад, како и со она што мислам дека е пресудно за успехот на „Макпрогрес“. Воедно на предавањето ќе дадам и посебен осврт и лични искуства околу семејните компании за кои кај нас многу малку се зборува, но кои ќе се наоѓаат во сериозни предизвици во годините кои следат бидејќи кај повеќето кои се формирани во деведесетите и 2000. година токму сега претстои трансфер на сопствеништвото и на управувањето на следните генерации. Во исто време многу малку од компаниите, основачите и наследниците се подготвени добро за тој трансфер да биде успешен – вели Цветанов.

Поврзани содржини