Нинџа лажно сведочел за организаторите на 27 април, вештак тврди дека тој не бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во 18 часот

Два телефонски броја во сопственост на Аристократ, односно на лицето Александар Василевски-Нинџа откриваат дека тој до 27.04.2017 година бил само еднаш регистриран на базната станица „ВМРО“ и тоа на 27 април во 22.19. 21 часот кога примил смс порака. Неколку секунди подоцна во 22.19.30 се покажало дека корисникот на мобилниот телефон во сопственост на Василевски бил пререгистриран на базната станица „Алмако”, значи бил во движење и се оддалечувал од зградата на ВМРО-ДПМНЕ каде е и лоцирана базната станица „ВМРО”.

3,334

Вештиот наод и мислење од вешачењето на телефонот на сведокот Александар Василевски Нинџа кои денеска беа презентирани на судењето на организаторите на нападот во Собранието на 27 април 2017 во Кривичниот суд во Скопје, вели дека Василевски Нинџа на 27 април до 22 часот не бил присутен во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа според одбраната покажува дека овој сведок претходно лажно сведочел пред судот кога тврдел дека бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во 18 часот и слушнал како се издаваат наредби и насоки за упадот во Собранието.

Лиценцираниот вештак, професорот Мирослав Котевски, врз основа, на како што вели, добро проучените документи и доказни материјали во својата детална анализа покажа дека не постоела  комуникација помеѓу сведокот Александар Василевски Нинџа и обвинетите Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски во целиот временски период опфатен во листинзите презентирани во доказните материјали.






– Спроведената детална анализа согласно најавите (регистрациите) на мобилните телефони во сопственост на лицето Александар Василевски Нинџа и на базните станици на Македонски телеком на ден 27.04.2017 година за време на реализираните комуникации недвојбено покажува дека корисникот на бројот во сопственост на Василевски бил во непосредна близина или во самата зграда на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во временски период помал од 1 минута (во 22.19 часот) и дека бил во непосредна близина или во самата зграда на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ единствено во временски период од 5 минути (22.08 до 22.13 часот) – вели професорот Котевски.

Тој исто така утврдил дека „постои неконзистентност во однос на барањата од ОЈО и доставените листинзи од страна на мобилните оператори, Македонски телеком и ВИП. Вештакот утврдил дури 19 мобилни телефони за кои нема барање до операторите, а ги има во листинзите како докази.

– На критичниот ден, 27.04.2017 година, лицата Спиро Ристовски и Миле Јанакиески немаат реализирано меѓусебна комуникација, односно во доказните материјали на 27.04.2017 година не е евидентирана комуникација помеѓу мобилните броеви во сопственост на Јанакиески и на Ристовски – вели лиценцираниот вештак во својот наод.

Преку листа на телефонски повици обезбедени од неговото движење во текот на целиот 27 април, вештакот утврдил дека сведокот Василевски се движел на потегот околу плоштадот „Македонија“ и Собранието.

Вештакот претпоставува дека Василевски само се доближил или поминал покрај штабот, но не и дека влегол, зашто веднаш потоа добил повик од базна станица „Алмако“, близу италијанската амбасада.

Неговата анализа покажува дека два телефонски броја во сопственост на Аристократ, односно на  лицето Александар Василевски-Нинџа откриваат дека тој до 27.04.2017 година бил само еднаш регистриран на базната станица „ВМРО“ и тоа на 27 април во 22.19. 21 часот кога примил смс порака. Неколку секунди подоцна во 22.19.30 се покажало дека корисникот на мобилниот телефон во сопственост на Василевски бил пререгистриран на базната станица „Алмако”, значи бил во движење и се оддалечувал од зградата на ВМРО-ДПМНЕ каде е и лоцирана базната станица „ВМРО“.

Според наодот на вештото лице, мобилниот број во сопственост на Василевски два пати бил регистриран на базната станица „ВМРО“ и тоа на 6 април 2017 година во 17.50.52 часот и на 27 април во период од 22.08.26 до 22.13.30 часот.

Вештакот вели дека е невозможно двата броја истовремено да биле користени од исто лице на различни локации. Се покажало дека за краток период имало обид за воспоставување на комуникација од различни базни станици.

Според Котевски, сведокот Василевски имал еден неуспешен обид за комуникација со Спиро Ристовски. Имало само појдовен повик, но немало реализирана комуникација затоа што Ристовски не одговорил.

Адвокатот Еленко Миланов уште на почетокот на судскиот процес во кој им се суди на Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски, сите обвинети за организирање на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, рече дека одбраната ќе докаже дека Александар Василевски Нинџа дал лажна изјава на рочиштето во јуни кога тврдеше дека во штабот на ВМРО-ДПМНЕ се координирала целата акција на упадот во парламентот на 27 април 2017 година.

– Ќе докажеме дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, во ниту еден момент не биле во ниту една базна станица со лицето Александар Василевски Нинџа, кој изјавил дека видел и слушнал како Спиро и Миле организират некого во штабот – рече Миланов.

Василевски тогаш тврдеше дека на 27 април околу 17.30 му се јавил Спиро Ристовски кој го прашал каква е состојбата на терен и го повикал да дојде во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Се вратив во „Дион“ и околу 18.03 со Веле Петрушевски, се упативме во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Петрушевски остана во бифе. Јас се качив на 8. кат. Таму имаше една сала за состаноци, каде ги видов Митко Чавков, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски, Билјана Бришкоска.Чавков ме гледаше како да ме праша што барам тука, а јас го чекав Сашо Мијалков, но тој не беше таму. Од таму беа дадени сите наредби за 27 април – изјави Василевски.

Во штабот на ВМРО-ДПМНЕ некаде околу 18.30 влезе Владимир Атанасовски и во тој период Билјана Бришкоска му даде насока на Трајко Вељаноски да се отворат вратите на Собранието, сведочеше Василевски на 9 јуни на рочиште во Кривичниот суд.

– Од штабот тргнав некаде 19.05. Владимир Атанасовски облечен во тренерки ми даде насоки да известам. Пешки со Веле Петрушевски пред Триумфална капија ги видов многу припадници од прикриен тим. Горан Грујоски имаше прикриен тим од 25 до 30 лица, ми се закануваа да не се предадам дека ќе завршам како Коста Крпач – изјави Нинџа.

Можен ли е пресврт на судењето за организаторите на настаните во Собранието на 27 април е едно од прашањата што се поставуваат по презентираниот извештај на лиценцираниот вештак професорот Мирослав Котевски, а оваа дилема беше присутна и по неодамнешното сведочење на премиерот Зоран Заев кој изјави дека главни осмислувачи и организатори на настаните во Собранието од 27 април 2017 година не се Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и другите на кои им се суди, туку дека тие биле изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски.

Според адвокатот Еленко Миланов сведочењето на премиерот Заев мора да се сфати сериозно, бидејќи тоа го кажал човек кој има пристап до сите безбедносни информации во државата. Миланов смета дека ова обвинение треба да биде повлечено.

– Не може човек што ги има сите релевантни информации да каже дека Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристески не се организатори на собраниските настани и тоа да не биде земено предвид – смета адвокатот на одбраната.

Поврзани содржини