НИКОМУ НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА ЈА ЧЕПНЕ НАШАТА ДРЖАВА Шилегов порача дека сами ги изградивме Скопје и Македонија

Шилегов додаде дека со мудроста на македонското водство, единството на нашите народи и силата на нашето оружје е победен фашизмот.

163

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска од манифестацијата во главниот град честитајаќи им го на граѓаните Денот на народното востание – 11 Октомври истакна дека по цели 80 години се сеќаваме на храброста и одлучноста на нашите партизани и дека наша должност и обврска е да го зачуваме тоа сеќавање и да потсетуваме на нивниот идеал.

– Сите ние сме одговорни и како поединци и како општество, да ја паметиме нивната жртва и да го негуваме нашето наследство од НОБ. Денес, благодарение на нашите партизани ние живееме во слободен град, во слободна татковина – рече Петре Шилегов.






-Да не беше 11 Октомври, продолжи тој, ќе го немавме ниту 2 Август ’44, а можеби ниту 8 Септември ’91.

-Тој ден означи Македонија да не биде квинслишка територија, туку напротив, жестоко упориште против фашистичкиот окупатор. Но, треба да се потсетиме дека и пред 11 Октомври, нашите партизани преземале одредени акции: на 22 август, таа 1941 година е формиран Првиот скопски партизански одред, на 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел. Истиот ден, тука, во Скопје Боро Петрушевски – Папучар убива бугарски окупаторски војник. На 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски – Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец. Сите овие настани се предвесници на големиот 11 Октомври – додаде Шилегов.

Тој додаде дека со мудроста на македонското водство, единството на нашите народи и силата на нашето оружје е победен фашизмот.

– За нашата слобода се изборивме сами, сами ги изградивме Скопје и Македонија како суверена држава на единствени и горди народи, и никому, ама баш никогаш нема да дозволиме да ја чепне нашата држава, нашата тешко стекната, со крвта на нашите антифашисти платена слобода, нагласи Шилегов.

Тој додаде дека заедништвото на нашите луѓе, скопјани, Македонци, Албанци денеска ни е попотребно од кога и да било, претходно.

Градоначалникот на Скопје рече дека 11 Октомври нè обврзува на почит и верност кон нашата земја, но и да не заборавиме колку е скапа слободата.

Поврзани содржини