Николовски за „Рекет“: Правда и одговорност ќе има за секого, очекувам разрешница и за „Талир“ и „Империја“
Правда и одговорност ќе има за секој во државата, за било кој што ќе се огреши. Очекувам сега натаму лично целосна разрешница на сите случаи, над триесет во коишто е вклучено и целото актуелно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на многу структури, изјави денеска генералниот секретар Љупчо Николовски во одговор на новинарско прашање за пресудите во случајот „Рекет“.
На прашањето за изјавата на Бојан Јовановски во текот на пресудата, кој посочил дека парите од рекетот требало да се бараат кај лидерот на СДСМ и неговиот брат, Николовски рече дека „тоа ја потврдува впрегнатоста на ВМРО-ДПМНЕ за која што слушнавме со кого Мицкоски седел, разговарал во претходните месеци и години и поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ со целокупниот случај“.
– Да не мисли дека некој ќе го спаси од одговорност. Добро е што дојде време и сме среќни денеска што имаме пресуди за вакви крупни случаи што се отворија во државата. Да расчистиме еднаш со правдата со остатоците од режимот, да има одговорност и за „Талир“ и за „Империја“ и за било кој случај за којшто се збори во јавноста имаше постапки. Законот за Јавно обвинителство што стапува на сила тоа силно го овозможува. Заради тој закон добивме денеска и силна потврда и поддршка од ЕУ – рече Николовски по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори.