Носителот во ИЕ 3 и генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, попладнево се сретна со претставници на повеќе текстилни компании во Македонска Каменица.
На средбата, Николовски истакна дека здравјето, достоинството на работникот и работничките права се основа за добар систем.
Николовски се осврна и на состојбата со ковид-19 и предизвиците на текстилните компании со овој вирус.
– Од примерот со конфекциските капацитети во Штип се покажа дека мора многу да се внимава, да се почитуваат мерките за заштита, за да го спречиме ширењето на коронавирусот. Вашето здравје и здравјето на сите граѓани е најважно – рече Николовски.
Тој најави дека СДСМ и во наредниот период ќе работи на подигнување на животниот стандард на сите.
– Денеска сум тука за лично да ве уверам дека, иако во изминативе две и пол години постигнавме сериозен напредок, не застануваме тука во унапредувањето на вашите права и во обезбедувањето на подобар стандард за сите. Многу од вас до пред две и пол години земаа срамни 9.000 денари. Успеавме за само две и пол години да ја покачиме минималната плата на 14.500 денари, а до крајот на следниот мандат предвидуваме раст до 20.000 денари – истакна Николовски.
Николовски потенцираше дека СДСМ има план како трендот на раст на плати да продолжи.
– Паралелно ќе расте просечната плата во сите дејности, па и во текстилната индустрија. Работниците се капиталот на ова општество, работниците се капиталот на стопанството и затоа мораат да бидат ценети и платени – додаде Николовски.
Затоа, нагласи тој, и во услови кога се соочивме со сериозни економски последици предизвикани од здравствената криза, Владата предводена од СДСМ прво што направи донесе мерки за да ги заштити работните места.
– Имаме план, имаме Програма, имаме желба за работа. Тоа е вистинскиот пат. Одиме напред, кон подобар живот – заклучи Николовски.