Носителот на листата во Изборната единица три на коалицијата „Можеме“ Љупчо Николовски, денеска даде изјава на патот Пробиштип- Крупиште во која се осврна на инвестирањето во општините, очекувањето дека земјава ќе стане членка на ЕУ, како и за достигнувањата во економијата.
– Со овој проект, жителите на Пробиштип ги поврзуваме со Штип, со Кочани, но и со граничниот премин со Бугарија, кај Делчево. Патувајте, поврзувајте се, нека се развива економијата, стопанството, нека се развива трговијата. За овој пат инвестирани се нешто повеќе од 3,4 милиони евра, замислете колку вакви патишта буквално „изеде“ ВМРО-ДПМНЕ во Белата палата, во лажен барок, во жални врби.Ние инвестираме, градиме, вложуваме во подобар живот за граѓаните.Го реконструираме регионалниот пат Злетово – Пробиштип, го санираме свлечиштето на регионалниот пат Кратово – Пробиштип- рече Николовски.
Тој информира дека за локалната патна инфраструктура за општина Пробиштип се вложени над 800 илјади евра, а во план е и санација на старата депонија во Пробиштип.
Николовски, како што рече, очекува дека земјава ќе стане членка на ЕУ и со тоа ќе има пристап до повеќе пари од Европската унија.
– Станавме членка на НАТО, ќе станеме и членка на ЕУ. Тоа се повеќе пари за справување со коронакризата, за новата македонска економија, за зелена агенда, енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализации, патишта, водовод. Тоа се европски пари за европски стандарди дома. За достоен живот за сите нас!- рече Николовски.
Тој се осврна и на достигањата во економијата, растот на минималната плата, решавањето на проблемот со стечајците како и на враќањето на парите кај граѓаните,
– Нема граѓанин, на кој за последниве две и пол години не му се покачени приходите.Ја намаливме невработеноста и уште ќе ја намалуваме. Работа ќе има за сите.12.000 стечајци добија месечен приход од 8.000 денари до пензионирање, социјалната помош порасна за 300 проценти, се прошири опфатот од 24.000 на 36.000 граѓани.Ги враќаме парите кај граѓаните во буквална смисла!Ќе живееме во напредна економски стабилна и просперитетна европска држава. Кога се работи одговорно, домаќински и паметно, пари има за сите и за се – рече Николовски.