И денеска во Виница и изминатиов период интензивно се дружев со граѓаните од мојот Исток и пораката е јасна и едногласна. На 15 јули од овде од Виница, од источниот регион од третата Изборна единица ќе ја најавиме и потврдиме победата на СДСМ и Коалицијата Можеме. Ќе добиеме чист мандат, за нови победи и успеси“, порача Љупчо Николовски, носител на изборната листа на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, на вечерашната средба со граѓани во Виница.
Средбата беше организирана во согласност со сите здравствени протоколи и мерки за заштита.
– Од тие успеси нема да се срамиме. Нашиот концепт беше „Парите ги враќаме кај граѓаните“. Денеска чесно и одговорно велиме дека за помалку од три години тоа го остваривме, но секогаш може повеќе, секогаш може подобро. Земјоделците денеска добиваат навремени, редовни и зголемени субвенции, сите се еднакви, нема привилегирани. Се сеќавам во 2016 година во секое село ми зборуваа за селективна исплата на субвенции, за ненавремена исплата, за уцени, закани и притисоци. Денеска тоа го нема. Обезбедивме 50 проценти поддршка за зелената нафта – порача Николовски.
Тој потсети дека денеска многу граѓани ги чувствуваат бенефитите од мерките на СДСМ. Минималната плата за кратко време од срамни 9.000 денари беше покачена на 14.500 денари, и таа ќе порасне за нови 40 проценти, порасна просечната плата, 12.000 стечајци добиваат месечен надомест.
– Станавме членки на НАТО, за кратко време поместивме планина и го реализиравме нашиот сон. Од земја изолирана, во која се стравуваше да се зборува, станавме слободна демократска земја. Младите ќе ги вратиме дома, во нашиот исток. Ќе продолжиме со успешните политики, ќе станеме членка на ЕУ. И затоа изборот е лесен. Ако со СДСМ преговорите за членство во ЕУ траат шест години, со ВМРО-ДПМНЕ преговорите ќе траат 66 години – додаде Николовски.
Тој најави убедлива победа на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, која после 15 јули ќе продолжи интензивно да работи на концептот за воведување ред и правда.