Николовски: Не постои перфекција и совршен функционер

Перфекција нема и совршен функционер не постои, но нема да замижуваме пред функционери кои ја злоупотребуваат човечката добрина - истакна вицепремиерот Љупчо Николовски.

241

Нашата борба е и ќе биде долга, трчаме маратон, а не спринт, рече вицепремиерот Љупчо Николовски на денешната конференција по повод 100 дена влада.

– Изминаа 100 дена откако ја добивме довербата од граѓаните. Имаме обврска да бидеме пред вас отворени, отчетни и транспарентни. Мандатот го започнавме со јасно зацртани цели – за одвраќање на корупцијата и криминалот. Секој што го прекршил законот ќе сноси одговорност. Веќе видовме разрешување на функционери, а ќе бидат разрешени и другите кои нема да ги почитуваат правилата. Ги вклучивме и општините да ги објават јавно сите документи од јавен карактер. Јавноста и граѓаните треба да знаат, новинарите треба да се будни, а функционерите треба да го работат она за што се платени. Ни треба систем во кој чесните ќе бидат наградени, а не казнети – рече Николовски.






Ќе ја подобриме поврзаноста на институциите и ќе придонесеме за побрзо решавање на предметите, без човечки фактор, додаде тој.

– Увидовме дека контролата е клучна, па воспоставивме координација со инспекцискиот совет. Новите измени ја оправдаа целта. Значително се намалува бројот на прекршителите на законите. Нема заштитени објекти и толеранција за прекршителите. Нема друг пат, освен преку независност и транспарентност. Перфекција нема и совршен функционер не постои, но нема да замижуваме пред функционери кои ја злоупотребуваат човечката добрина – истакна Николовски.

Поврзани содржини