Николовски ќе крати од привилегии до цели институции, а очекува да работи со кадри од странство
Вицепремиерот за корупција најавува системско ревидирање, регулирање и унифицирање на бенефициите што ги носат јавните функции, од разните надоместоци, дискреционите права за користење на платежни картички, купувањето и користењето службени возила, дневниците за членство во одбори, патните трошоци...
На овие генерации мора да им покажеме решителност и одлучност дека сме подготвени во следните 4 години да ги промениме работите дома. Од менталитетот и тоа дека не треба се преку врски и протекции да се прави, па понатаму. Дека може да одат по регуларен пат низ системот, без главоболки, туку со целосно остварување на своите права, изјави вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на денешниот брифинг со новинари.
Тој, како што соопшти владината прес служба, е свесен дека е пгромен просторот на кој треба да работи на полето за борба против корупцијата, од високата корупција до она што се случува на најниско ниво, но е подготвен да се избориза функционален систем и фер општество.
Николовски додаде дека во тек се и активности за реорганизација на јавната администрација, што подразбира кратење на бројот на органи, т.е. оние кои немаат своја улога и имаат ингеренции кои се преклопуваат со останати тела, да се спојат со истите или укинат.
Тој најавува системско ревидирање, регулирање и унифицирање на бенефициите што ги носат јавните функции, од разните надоместоци, дискреционите права за користење на платежни картички, купувањето и користењето службени возила, дневниците за членство во одбори, патните трошоци , трошењето за службени ручеци по рестораните, трошење на државни пари за забави и за луксузирање при патувања во странство, вработувањата во државната администрација преку роднински врски, мултиплицирањето на разни институции кои не знаат зошто постојат и слично.
Николовски рече и дека не е загрижен од можниот судир со многуте функционери во државата на кои сака да им ги скрати привилегиите, па и да ги остави некои без дополнителна или редовна работа, бидејќи е решен да ја заврши задачата што му е доверена.
Тој потенцираше дека ќе се работи на воспоставување на интензивна меѓуинституционална соработка, бидејќи како што изјави само така можат да се постигнат позитивни резултати во делот на превенирање и борба со корупцијата и криминалот. Притоа, Николовски најави дека ќе се зајакнуваат капацитетите на ДКСК и на Државниот завод за ревизија.
Во однос на годините кои следат, процесите од ЕУ интеграцијата и проблемот со човечкиот капацитет, тој изјави „Треба да извлечеме максимум од потенцијалот кој го имаме.
– Лично во кабинетот очекувам неколку луѓе меѓу кои и такви кои напуштаат значајни позиции надвор од државата кои се исклучително добро платени, за да дојдат да работат во мојот кабинет во Владата. Тоа се луѓе кои немаат врска со партија или политика! Така ќе ја вратиме довербата на младите, да дадеме шанса да дојдат и заедно да одработиме во корист на граѓаните – рече Николовски.
Вицепремиерот Николовски потенцираше дека државната функција е привилегија, но и должност.
Тој порача дека никој не е и не смее да биде над законот, и мора да постои ред и истиот да се почитува со одговорност од оној кој сторил казниво дело.