Николов: Ако има повисоки плати за судиите, тогаш нека има и за лекарите
Лекарите и оние коишто го чуваат здравјето на граѓаните не бараат премногу. Бараат да бидат еднакво вреднувани и ценети, како оние кои што ја чуваат и делат правдата во земјата, рече претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Здравствените работници наместо ветеното реално покачување на платата, ќе добијат бонус од 5 проценти, нагласувам 5 проценти, рече Игор Николов, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека пред пандемијата со ковид-19, ветувањата за зголемување на платите биле секојдневни, а дека денес се сведени само на лаги.
– За лекар специјалист, ветуваа плата 100 илјади денари основна. За медицинарите кои работат во КОВИД центрите ветуваа, инфективен додаток. За специјализантите ветуваа, платени дежурства и вработување. Ветувањето беше дека од март платата ќе биде покачена за 5 отсто, и нема да биде само еднократен бонус. Ова денес е уште едно во низата поигрувања со здравствениот кадар со кој и онака кубуриме. Зарем вака, со благодарници од Лекарската комора и неостварени ветувања и лаги му се заблагодарувате на медицинскиот кадар?! Се сеќавате ли што рековте министре кога завршуваше најсмртоносниот третиот бран од ковид-19? Ветувавте покачување на платите на сите вработени во здравството за 5 отсто. И повторно лагите излегоа на виделина. Било додаток, односно бонус. Со лагите за платите во здравството, покусо не останува ниту премиерот, Зоран Заев. Тој уште во втората половина на 2020 година за оваа тековна 2021 вети покачување од 10 проценти на платите на здравствените работници. Тогаш Заев рече: „Следната година 2021 следува покачување на платите во здравството за 10 проценти“. Прашуваме, до кога со лаги?! – рече Николов.
Вам не ви е грижа за оние кои на своите плеќи го понесоа товарот на ковид-кризата, додаде тој.
– На нив им дадовте ливче во форма на благодарница во соработка со претседателката на Лекарска комора за која има решение од Антикорупциска за судир на интереси. Лекарите и оние коишто го чуваат здравјето на граѓаните не бараат премногу. Бараат да бидат еднакво вреднувани и ценети, како оние кои што ја чуваат и делат правдата во земјата. Не ви доликува, за едните бонус од 5 отсто, а за другите покачување на платата од 15 отсто. Тоа не ви поминува! Лекарската комора продолжува да молчи и дели благодарници, синдикатот молчи и обезбедува кредит за своите членови. Навистина е доста од хипокризија – истакна Николов.