Николоски: Желбата на Заев да си поднесам оставка нема да му се оствари и ќе биде поразен од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски
Читам Заев побарал да си поднесам оставка. Знам дека тоа му е желба уште од изборите кога му отидов на гостински терен во „неговата“ четворка и го победив во 12 од 19 општини, а тој не го направи резултатот кој што го очекуваше. Таа желба нема да му се оствари, напротив, Заев ќе биде поразен на следните избори од ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски, порача потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
– Збор два околу фактите – нека си провери Заев каде и какви изјави давал Пендаровски, а за мене и моите изјави: Кажав уште во 2018 година дека има договор за Македонија да се стави во група со Албанија, ми велеа дека е научна фантастика. Неколку месеци подоцна се потврди, таа група со Албанија ја влече Македонија назад. Кажав дека Македонија со Заев нема да добие датум ни во 2018, ни во 2019, ни во 2020. Ме омаловажуваа и навредуваа ама и тоа се оствари. Кажав дека нема Премиер на развиена западноевропска држава што ќе го прими Заев во официјална посета после корупциската афера „Рекет“. И тоа се потврди – вели Николоски.
Тој почара и сега да не брзаат со реакции оти како што вели, кој последен се смее најслатко се смее.
– Вие сте принцови на лажните вести и лагата! А за тоа на кое ниво ја донесовте Македонија економски уништена во здравствена криза и национално понижена ќе си одговарате прво на избори, па и правно – вели Николоски.