Останувам на тоа што сум го кажал и останувам на вистината, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во врска со тужбата од премиерот Заев.
– За жал денеска рочиштето во кое што Зоран Заев ме тужи за клевета во однос на тоа што го кажав и позади кое што стојам, а тоа е дека случајот „Рекет“ не опфаќаше само еден бизнисмен, опфаќаше повеќе бизнисмени и дека беа изрекетирани некаде над 20 милиони евра, значи тоа рочиште денес за жал се одложи, поради здравствена состојба на судијката. И посакувам добро здравје – изјави пред судот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Следното рочиште ќе биде на втори јуни и се надевам дека тогаш ќе имаме можност да ги соочиме со Зоран Заев аргументите. На ова рочиште е предвидено да се случи и распит на странки, така што имајќи предвид дека јас се бранам самиот без адвокат ќе имам неколку прашања да поставам и кои што ќе бидат интересни за македонската јавност, како јас презентирам докази кои што мислам дека ќе го поткрепат ова мое тврдење. Останувам на тоа што сум го кажал и останувам на вистината. Така што еве по однос на оваа работа ќе се видиме на втори јуни – рече Николоски.
Николоски одговарајќи на новинарско прашање поврзано со обвинувањето од портпаролот на СДСМ дека наводно примил мито како дел од мисијата во Азербејџан рече:
– СДСМ падна многу ниско и мора да измислуваат работи, бидејќи не знаат поинаку, а клеветат како нарачка од причина што Заев нема одговори на моите прашања.
Николоски потенцира дека овие обвинување на СДСМ се класична монтировка бидејќи неговото име никаде не се споменува во интервјуто на Гералд Кнаус, на кое СДСМ се повикува и посочи дека со вакви клевети СДСМ ги навредува и меѓународните институции како што е Советот на Европа.
– Она што можам да го кажам е дека јас бев потпретседател на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, највисока функција која што било кој пратеник од Македонија било кога ја имал, сум бил член на бројни мониторинг мисии во соседството како Бугарија, БиХ, Азербејџан и бев шеф на оценска мисија, за референдум од 2016 година, мисија која имаше тешка задача таму, но извештајот го усвои целокупното Парламентарно Собрание на Советот на Европа, и истиот беше цитиран од страна на ЕУ и ЕК што говори за кредибилитетот. Се друго се инсинуации и измислени работи и треба да почнат да внимаваат затоа што навредуваат врвни европски политичари и институции од типот на Совет на Европа каде што Македонија е членка. СДСМ треба да се малку повнимателни заради меѓународниот углед на Македонија – истакна Николоски.