НИКОЛОСКИ ВО БРИСЕЛ ЌЕ РЕФЕРИРА ЗА ИНФРАСТРУКТУРНИТЕ КОРИДОРИ Ќе се сретне и со банкари за финансирање на други проекти
На форумот, министерот за транспорт ќе се обрати на првиот панел насловен „Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“, заедно со претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, албанскиот премиер Еди Рама, молдавската вицепремиерка Кристина Герасимов и поранешниот еврокомесар за проширување Стефан Филе.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ја започна својата работна агенда во Брисел каде оствари средба со „Пријатели на Европа” на која се зборуваше за актуелните политички и економски случувања во Европа и регионот на Западен Балкан. Тој во Брисел денеска ќе учествува на „Самитот ЕУ-Западен Балкан 2025“ што го организира бриселскиот тинк-тенк Пријатели на Европа, а утре и на Министерскиот совет на Транспортната заедница.
Во изјава што ја проследи Министерството за транспорт, тој најавува бројни политички и економски средби со високи претставници на Европска Унија како и претставници на меѓународни финансиски институции на кои ќе разговара за инфраструктурните проекти во Македонија.
Во изјавата Николоски потсетува дека Европската инвестициска банка (ЕИМ) го финансира и најголем дел од третата делница од Коридор 8 од железничкото поврзување со Бугарија.
-Доаѓаат премиери на различни држави, министри, бизнис заедницата и навистина за Македонија ова значи многу и треба да сме присутни тука бидејќи ги даваме нашите аргументи и она што го правиме. Јас покрај политичкиот дел, многу ќе зборувам и за економскиот и инфраструктурниот дел, тоа е фокусот на мојата посета и она што ќе го бранам. Веќе во петок ќе имаме многу значајна средба со Комесарот за транспорт Апостолис Ѕиѕикостас со кој што ќе зборуваме за развој на двата кордидори 10 и 8, ќе презентираме она што досега го имаме направено како и за нови проекти – вели Николоски.
Тој очекува средби со министрите од Грција, Бугарија, со кои ќе разговара за спојувањето на двата коридори, но и задруги проекти за кои ќе се бара може да се вклучат во делот на Планот за раст за Македонија.
-Но, исто така и во делот на големите банки кои што можат да застанат позади ова, дали е тоа ЕИБ, ќе се видам со потпретседателот на банката или ЕБРД, заеднички да можеме да ги изработиме овие проекти. Нашата визија е Македонија да стане центар за транспорт на Балканот, иако не излегуваме на море, имаме една уникатна локација која што двата Коридори 8 и 10, исток-запад и север – југ се сечат источно од Скопје и тоа е главната придобивка која мораме да ја дадеме за генерациите што доаѓаат после нас – вели Николоски.
На форумот, Николоски ќе се обрати на првиот панел насловен „Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“, заедно со претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, албанскиот премиер Еди Рама, молдавската вицепремиерка Кристина Герасимов и поранешниот еврокомесар за проширување Стефан Филе.
„Самитите ЕУ-Западен Балкан“ на „Пријатели на Европа“ се годишни собири на кои владини претставници, експерти, бизнисмени и граѓански активисти дебатираат за прашања поврзани со актуелни настани во Европа и регионот.
Утре, пак, Николоски ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница, на кој ќе се разговара за напредокот на земјите од Западниот Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.
Според најавата, Николоски на Министерскиот совет ќе говори за транспортните политики на земјава, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8, 10 и 10-д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западниот Балкан.
На состанокот, со кој ќе претседава еврокомесарот за одржлив транспорт и транспорт Апостолис Ѕиѕикостас, покрај Николоски ќе учествуваат министри за транспорт и владини претставници од Албанија, Бугарија, Ирска, Кипар, Косово, Романија, Словенија, Србија, Црна Гора и од други европски земји.
Покрај ова, за време на престојот во Брисел предвидено е Николоски да има и повеќе средби со претставници на Европската Комисија.