Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, истакна дека Унгарија реши денеска да и помогне на Македонија, тоа се должи на соработката и комуникацијата со унгарскиот премиер, што значи дека ВМРО-ДПМНЕ е спремна и од опозиција да помага на македонските граѓани.
– Се работи за една важна и пријателска посета, пријателите се секогаш потребни, на маката на народот се познаваат пријателите, за жал Македонија е погодена од оваа пандемија на коронавирусот којашто прави здравствени и економски проблеми, економските проблеми се огромни, здравствените проблеми се исто така огромни, малку држави се спремни да подадат рака, Унгарија денеска се реши да подаде рака на Македонија – вели Николоски во изјава за Алфа телевизија.
Тој образложи дека посетата на министерот за надворешни работи на Унгарија, Сијарто, прво носи голема хуманитарна помош којашто пред се е насочена кон здравствените работници и кон полицијата, оние коишто се најизложени на оваа криза.
– И второ со неговото присуство со неговата посета сака да покаже дека Македонија не е затворена, не е изолирана и дека дури и во вакви услови на криза странски државници можат да ја посетуваат Македонија. Воедно Сијарто е прв државник којшто доаѓа во посета во рамките на оваа голема криза – вели Николоски.
Тој нагласи дека посетата на Сијарто е резултат на интензивната комуникација меѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателот на нашата сестринска партија од Унгарија, Виктор Орбан, којшто е и премиер на Унгарија.
– Како резултат на таа соработка и комуникација се одлучи да и се помогне на Македонија – вели Николоски за Алфа телевизија.
Тој посочи дека ова не е помош за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за СДСМ, ниту за било која политичка партија, туку ова е помош за Македонија и македонските граѓани, за медицинските лица и полицијата на кои најмногу им е потребна поддршката.
– Оваа помош денеска и онаа од минатата недела којашто стигна од Словенија која што исто така е резултат на соработката и лобирање кај сестринската партија СДС од Словенија покажува само дека ВМРО-ДПМНЕ и од опозиција е спремно да помага – истакна Николоски.