Ние сме една од малкуте држави во Европа каде што власта ја обвинува опозицијата. Комисијата за заразни болести изгуби целосен кредибилитет, бараме оставка и да се формира експертска комисија, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „360 степени“ на Алсат.
– Во однос на Чулев, мислам дека во рамки на она што е можно, се справува најдобро можно, а ако СДСМ очекуваше дека треба да тепа луѓе или да употребува водени топови на некои собири, тоа нема да го видат од ВМРО-ДПМНЕ, а претпоставувам ќе беа многу среќни да го направеше тоа, бидејќи тогаш ќе го обвинеа за прекумерно полициско насилство. Пред неколку дена не постапи кога ги видовме носителите на СДСМ без никакво почитување на мерки на големи собири насекаде по државата, можеби требаше да постапи, не сугерирам ништо, само се прашувам – рече Николоски.
Тој рече дека за три дена имаме 115 нови дијагностицирани лица на вирусот ковид-19, а на СДСМ сите им се криви за фијаското кое што им се случува во справувањето со кризата освен самите тие.
– Ова што го гледаме не само денес, туку и вчера и завчера се навистина едни алармантни бројки. Вчера имавме 38 нови случаи, завчера имавме 25, денес имаме 52, значи за три дена имаме вкупно 115 нови случаи. Ова што го прават СДСМ, а особено Зоран Заев преку Фејсбук статус, е под секое ниво на достоинство. Ним сите им се криви овен самите тие. Крив е Чулев, криво е ВМРО-ДПМНЕ, крив е народот – истакна Николоски.
Тоа што мене најмногу ме погодува, вели Николоски, е што го обвинуваат народот.
– Денес гледаме еден организиран напад против народот и од страна на Филипче и од страна на други функционери од СДСМ, што е недозволиво бегање од одговорност. Во однос на Министерството за внатрешни работи, видовме како на 7-ми мај, на пример, истиот Зоран Заев кажа: „Во перод кога се справуваме со серозна закана од глобална пандемија, полицајците беа во првите редови против корона вирусот. Македонските полицајци покажаа висок степен на подготвеност, професионалност и пожртвуваност во заштита на јавниот ред и мир, особено во спроведувањето на мерките и спречувањето на заразата од корона вирусот – истакна Николоски.
Тој додаде дека сега, кога им се рушат сите планови за одење на брзи избори, почнаа да ги обвинуваат сите, и народот и министерот Чулев, а дека всушност најголемиот виновник е Зоран Заев затоа што тој е претседател на партијата која што ја води државата. Јас немам намера никого да бранам но, да бидеме реални, Министерството за внатрешни работи спроведува мерки кои што ги носи Владата – рече Николоски.