Тука сме пред она што треба да е брана Конско, можам да кажам дека истата беше проектирана во текот на 2016 година, беа одобрени средства и требаше да почне да се гради на почетокот на 2017 година, со цел да биде завршена до крајот на 2019 година. За жал, се уште, како што можеме да видиме е во изградба и не е завршена затоа што за жал владата предводена од СДСМ не доволно ја следи динамиката на градба како што е предвидено по планот, рече Александар Николоски, потретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 4.
– Она што можам да го кажам како ветување и заложба на ВМРО-ДПМНЕ е дека силно ќе се фокусираме на доизградба на оваа брана која што треба да значи наводнување за голем број на земјоделски производи и голем број земјоделци и да со тоа наводнување се зголеми земјоделското производство во гевгелиско, но и во целиот овој регион, а исто така ќе придонесе многу за развојот на туризмот. Она што исто така сакам да го споменам е дека постојат постапки за отуѓување на земјиште кое што е во сопственост на приватни лица за експропријација и истото праведно ќе биде направено, на еден праведен начин и по пазарни цени со цел луѓето исто така да бидат обештетени и никој да нема штета од овој проект. Напротив овој проект треба да е еден убав развоен проект целиот овој регион – рече Николоски.
Тој зборуваше за иницијативата за отворање на рудниците и рече дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш ја следи волјата на народот.
– Волјата на луѓето, тука во Гевгелија, во гевгелиско, во четвртата изборна единица ако сакате затоа што имаше и други иницијативи е јасна и на референдум беше изразена, тоа е против отворање на рудници и ние тоа го поддржуваме и рудници нема да се отвораат затоа што народот тоа не го сака. Ние секогаш постапуваме онака како што народот одлучува. Народот одлучи дека нема да има рудници и рудници нема да има – рече Николоски.