Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николовски на прес конференција образложи зошто го бојкотирале годишното обраќање во Собранието на претседателот на државата Стево Пендаровски.
– Пендаровски докажа дека не е претседател на сите граѓани на Република Македонија, туку извршител на една политичка структура и извршител на Зоран Заев. Со тоа Стево Пендаровски сврте грб на македонските граѓани и затоа денес пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија салата во која што беше обраќањето.Пендаровски е прв што кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е Бугарин и со тоа ги сруши македонските национални позиции, ја отвори пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, македонски национален идентитет, самобитноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја – рече Николоски.
Според него, Пендаровски е претседател на државата кој не кажа ниту збор за изјавите на Заев дека бугарската држава во втората светска војна била ослободител, дека тука имало администрација, дека бугарскиот и македонскиот јазик се едно исто. Збор не кажа за да се спротивстави на овие работи.
– Стево Пендаровски е претседател кој што не се консултира нити со политичките партии, нити со еден поширок општествен круг за стратешки работи кои што и се предлагаат на Македонија од типот на членство во една од најважните европски институции како што е Европската економска асоцијација. Пендаровски без постоење на елементарен доказ за обезбедено мнозинство му го додели мандатот на Зоран Заев со што го стави во привилегирана позиција за составување на Влада во услови кога самиот Зоран Заев кажа дека нема обезбедено 61 потпис. Конечно, Стево Пендаровски е претседател на држава кој што е нелегитимно избран затоа што се појави сведоштво на лидер на верска заедница кој што кажа дека гласовите за Стево Пендаровски биле купени, а за возврат му биле ветени пари и земјиште на скопско Кале и затоа нема легитимитет да се претставува како Претседател на Република Македонија. Поради сето ова, ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува замрзнатите односи со Стево Пендаровски. Поради тоа што Пендаровски врти грб на народот, денес пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата му свртеа грб нему – вели Николовски.
Тој додаде дека Пендаровски наместо да обединува, поларизира. Имаше историска шанса да биде првиот претседател на Македонија кој што не е оспоруван, за жал ја прокоцка заради теснопартиски интереси и теснопартиски наредби, како и заради стилот и карактерот на однесување.