Николоски: Еднаш распуштено Собрание не може да се врати и заседава
За нов датум за парламентарни избори, тој кажа дека е дегутантно и нечовечко однесувањето на лидерот на СДСМ Зоран Заев и на СДСМ, во услови кога многу луѓе се заболени од корона вирусот, кој било од политичарите да зборува за вакви теми.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска изјави дека Собранието не може повторно да заседава затоа што е распуштено и оти по ова прашање Уставот е јасен.
– Јасни се одредбите во македонскиот Устав, како и позитивните законски акти, така што еднаш распуштено Собрание не може да се врати и да заседава – рече Николоски одговарајќи на новинраско прашање во врска со барањето за свикување итна седница од страна на СДСМ.
Во однос на нов датум за парламентарни избори, тој кажа дека е дегутантно и нечовечко однесувањето на лидерот на СДСМ Зоран Заев и на СДСМ, во услови кога многу луѓе се заболени од корона вирусот, илјадници луѓе губат работни места и за жал десетици фамилии ги изгубија своите најблиски, а многу луѓе сеуште се борат за својот живот, кој било од политичарите да зборува за вакви теми.
– Ова е едно нечовечко однесување на СДСМ. Доколку решат повторно по стоти пат да го кршат Уставот, и да не се грижат за здравјето на граѓаните и економската благосостојба секако ВМРО-ДПМНЕ во тој момент ќе заседава во своите органи и ќе донесе одлуки, кои што ќе бидат на линија на Уставот, законите, но, пред се, на заштита на здравјето и економската благосостојба на граѓаните – рече Николоски.
Според него, СДСМ сакаат да се спасат од одговорноста за криминалите што ги направија.
Запрашан што ќе се случи со кандидатските листи, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие се веќе потврдени од Државната изборна комисија.