Николоски: Доказите покажуваат дека се рекетирани повеќе бизнисмени и дека парите се кај Заеви
Во август 2019 година тезата беше дека е рекетиран еден бизнисмен. Во февруари 2021 година сите знаеме дека се рекетирани повеќе бизнисмени, тоа не го утврдив јас, го утврди Кривичниот суд во Република Македонија, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од сите докази коишто ги имам доставено, како и врз основа на сето она што постоеше во јавноста во летото 2019 година, сум дошол до сознание дека аферата „Рекет“ во тој момент не е правилно презентирана во јавност, односно не се работи за минорен случај во кој случајно еден е рекетиран бизнисмен, туку дека се рекетирани многу бизнисмени, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
– Дека се работи за огромна сума на пари, дека таа сума на пари во тој момент сознанијата биле дека надминува над 20 милиони евра. Дека не е рекетиран еден, туку се рекетирани повеќе бизнисмени и дека во таа шема не се вклучени Бојан Јовановски и Катица Јанева, туку е вклучена цела една пирамида во СДСМ којашто секако завршува со претседателот на СДСМ и премиер тогашен и сега, Зоран Заев. Јас тоа сум го кажал во текот на август 2019 година врз основа на сите сознанија коишто стигале до мене во тој момент. После тоа времето покажа дека сум бил во право. Затоа што во август 2019 година тезата беше дека е рекетиран еден бизнисмен. Во февруари 2021 година сите знаеме дека се рекетирани повеќе бизнисмени, тоа не го утврдив јас, го утврди Кривичниот суд во Република Македонија. Во август 2019 година тезата беше дека се изрекетирани помеѓу еден и еден ипол милион евра, сега сумите со она што досега го има докажано Кривичниот суд можеби ќе ја надминат таа сума од 20 милиони евра – рече Николоски.
И третата работа, додаде тој, која што беше презентирана и денес како доказ тука, а е снимка од Кривичниот суд каде што изјавите се даваат под заклетва е на Бојан Јовановски којшто вели дека парите треба да се бараат кај Зоран И Вице Заеви.
– Така што сметам дека врз основа на сите сознанија коишто сум ги имал тогаш, сум имал доволно мотив да поверувам во вистинитоста на мојот исказ, затоа сум го дал истиот. Тој исказ не бил демантиран ниту од Зоран Заев, ниту од СДСМ, ниту од Владата. После 20-тина дена сум го повторил исказот и исто така не бил демантиран и очигледно желбата на Зоран Заев е да се гледаме во суд. И да се гледаме во суд, и јас ќе продолжам да ја докажувам вистинитоста на мојот исказ – истакна Николоски.