Николоски до Пина: Загрижувачки високото ниво на корупција во Македонија е отсликано и во последниот Извештај на Транспаренси Интернешнл
Со амбасадорката разменивме мислења и за регионалниот контекст, за условувањата кои што Македонија ги има од Бугарија при што нагласив дека не може и нема да има разговори за македонскиот национален идентитет, за засебноста на македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската култура, тоа се основни столбови на македонската држава и за истите не може да има разговори, вели Николоски.
Актуелната политичка и економска ситуација во Македонија, загрижувачки високото ниво на корупција во земјава, кое што е отсликано и во последниот Извештај на Транспаренси Интернешнл, каде што Македонија се наоѓа најниско во својата историја на 111-тото место и застојот во реформите, како за здравствената и економска криза со која што се соочува земјата. За ова, на средба, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски ја информирал амбасадорката на Португалија, Марија Виргина Пина.
– Ја информирав амбасадорката и за работата на Националниот Совет за евроинтеграции, чиј што сум претседател, како едно тело во кое што треба да се обединат сите клучни политички фактори во европските интеграции на Македонија. Она за што исто така ја информирав амбасадорката е немањето конкретна волја на власта да спроведе и да реализира реформи, како и затскривањето позади одредени потези на власта кои што само сугерираат за жал криминал и корупција – вели Николоски.
Тој нагласува дека е задоволство што е прв политичар од Македонија кој што има средба со амбасадорката откако Португалија претседава со ЕУ.
– Сметам дека ова е еден значаен чекор, дека е уште една можност ВМРО-ДПМНЕ и јас лично да ги покажеме нашите приоритети, и се надевам дека е поттик за власта да остварат подобри контакти со Португалија и со нивната амбасадорка. Затоа што сметам дека мора да се искористи португалското претседателство и да создаваме пријатели како држава кои што како пријатели ќе ни помагаат на овој европски пат. Со амбасадорката разменивме мислења и за регионалниот контекст, за условувањата кои што Македонија ги има од Бугарија при што нагласив дека не може и нема да има разговори за македонскиот национален идентитет, за засебноста на македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската култура, тоа се основни столбови на македонската држава и за истите не може да има разговори – вели Николоски.